Recep Şakar
15 Април 2022•Ажурирај: 17 Април 2022
МЕЛБУРН (АА) - Островската земја Фиџи, која се наоѓа во јужниот дел на Тихиот Океан, соопшти дека е запленета суперлуксузната јахта вредна 325 милиони долари на рускиот милијардер Сулејман Керимов, закотвена на пристаништето Квинс во градот Лаутока, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста во „Фиџи сан“, началникот на полицијата на Фиџи, Ситивени Килихо, потврди дека јахтата долга околу 106 метри е запленета бидејќи немала царинска дозвола за влез во земјата.
Наведувајќи дека капетанот и екипажот на суперлуксузната јахта вредна 325 милиони долари се приведени во рамките на истрагата која е во тек, Килихо рече: „Во рамките на истрагата јахтата беше претресена од полицијата.“
Килихо посочи дека во истрагата полицијата на Фиџи работи со нивните странски колеги, и рече: „Сакам да нагласам дека многу добро знаеме што правиме во оваа ситуација и одредбите од законот ги применуваме.“
Килихо додаде дека јахтата на Керимов, „Амадеа“, ќе го напушти брегот на Фиџи откако ќе бидат завршени сите истраги.
- „Работиме со нашите партнери низ светот“ -
Шефот на делегацијата на Европската Унија (ЕУ) за Пацификот, Суџиро Сеам, нагласи дека во тек се разговори со партнерските земји, вклучително и Фиџи, за санкции против имотот на руските олигарси.
„Во границите на ЕУ неколку јахти се запленети како дел од санкциите. Работиме со нашите партнери низ светот“, нагласи Сеам.
- Деветтиот најбогат човек во Русија -
Сулејман Керимов е познат по неговата блискост со рускиот претседател Владимир Путин. Според „Форбс“ (Forbes), има богатство од 14,5 милијарди долари и се смета за деветтиот најбогат човек во Русија.
За Керимов се тврди дека е „златниот крал“. Тој беше вклучен во листата на руски олигарси, која беше санкционирана од САД, ЕУ и Велика Британија со почетокот на војната меѓу Украина и Русија.