Elvır Hodzıc
29 Август 2022•Ажурирај: 31 Август 2022
БЛЕД (АА) – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Русија не смее да победи во војната во Украина и најави продолжување на поддршката за Украина сè додека е потребно, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Словенија денеска започна дводневниот Стратешки форум на Блед 2022 година.
Овогодишниот форум се одржува под наслов „Владеењето на моќта или моќта на правилата“, а во фокусот на овој престижен собир е војната во Украина и нејзините последици за целиот свет.
На присутните им се обрати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која истакна дека овогодинешната тема на Форумот е многу добро избрана бидејќи се работи за најрелевантното прашање за Европа и светот.
„Сè зависи од силата на демократијата, од нашиот капацитет да ги зачуваме основните принципи, да се спротивставиме на агресијата, да ги заштитиме нашите вредности и нашите пријатели. Светот внимателно го следи нашиот одговор на руската агресија. Работите се јасни на сите. На почетокот на оваа година Русија и Кина отворено го прогласија таканареченото пријателство без граници. Само неколку недели подоцна, Русија започна војна против Украина. Пораката не може да биде појасна. Ако сакаме да ги зачуваме основните принципи, како што се самоопределувањето и неповредливоста на границите, Путин не може да победи во оваа војна, а Украина мора да победи. Тоа е сосема јасно“, рече Фон дер Лајен и наиде на аплаузи во салата.
Истакнувајќи дека Европската Унија воведе серија остри санкции против Русија и дека овие санкции дополнително ќе се зголемат, Фон дер Лајен рече дека санкциите функционираат така што предизвикуваат огромна штета на способноста на Кремљ да води војна.
„Ќе ја поддржуваме Украина сè додека е потребно тоа. Тоа го правиме за Украина, тоа го правиме за да ги зачуваме нашите европски вредности и да им покажеме на Русија и на светот дека кршењето на меѓународните правила скапо се плаќа. Тоа мора да им биде јасно на сите“, рече Фон дер Лајен.
Таа, исто така, ја нагласи важноста на стратешките дејствија за зајакнување на сопствениот и слабеењето на рускиот капацитет за дејствување, зајакнувањето на демократијата во контекст на Украина, но и Западен Балкан и неопходната глобална акција за зајакнување на системот заснован на правила.
„Првенствено мислам на ставање крај на нашата зависност од валканите руски фосилни горива. Работиме на тоа и го диверзифицираме нашето снабдување“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека ЕУ продолжува да инвестира во зелена енергија.
Нагласувајќи дека на ерата на руските фосилни горива во Европа ѝ доаѓа крајот, шефицата на Европската комисија рече дека е неопходно да се продолжи со реформите на европскиот енергетски пазар за да се запре поскапувањето на струјата и енергијата.
Фон дер Лајен ја коментираше и ситуацијата во однос на европската интеграција на земјите од Западен Балкан и рече дека чекорите што ги преземаат Северна Македонија и Албанија се многу важни и додаде дека ЕУ ќе продолжи да го поддржува тој регион.
„Нека нема никаков сомнеж, нашите пријатели од Западен Балкан се дел од нашето европско семејство. Јадранот и планините секогаш се поврзувале и не биле граница, нашите економии се поврзани. Просперитетот на Балканот целосно зависи од неговата интеграција во остатокот од Европа. Најважно е дека луѓето од Западен Балкан со големо мнозинство сакаат да се приклучат на Европската Унија“, рече Фон дер Лајен.
Таа рече дека е јасно дека во изминатите неколку години дошло до забавување на интеграцискиот процес, но дека ЕУ има јасен стратешки интерес сите земји од Западен Балкан да го продолжат својот пат кон членство.
„Стабилноста на Западен Балкан е европска стабилност, а просперитетот на Западен Балкан е исто така европски“, рече Фон дер Лајен и укажа на неопходноста од забрзување на економската интеграција и зајакнување на кредибилитетот на процесот за пристапување.