Ahmet Gürhan Kartal
12 Август 2024•Ажурирај: 13 Август 2024
ЛОНДОН (АА) - Франција, Германија и Велика Британија денес изјавија дека ги поздравуваат напорите на Катар, Египет и Соединетите Американски Држави (САД) „за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците“, јавува Анадолу.
Во заедничкото соопштение потпишано од францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот премиер Кир Стармер се вели дека ја поддржуваат заедничката изјава на емирот на Катар, Шеик Тамим бин Хамад ал Тани, претседателот на Египет, Абдел Фатах ал-Сиси, и американскиот претседател Џо Бајден во која повикуваат на итно продолжување на преговорите.
„Се согласуваме дека не може да има натамошно одложување“, се вели во соопштението, во кое се додава дека тие работат „со сите страни за да се спречи ескалација и нема да се штедат напори за да намалување на тензиите и изнаоѓање пат кон стабилноста“.
Понатаму се вели: „Борбите мора да завршат сега и сите заложници што сè уште се држени од Хамас мора да бидат ослободени. На луѓето во Газа им е потребна итна и неограничена испорака и дистрибуција на помош.“
„Длабоко сме загрижени од зголемените тензии во регионот и обединети во нашата посветеност на деескалација и регионална стабилност. Во овој контекст и особено ги повикуваме Иран и неговите сојузници да се воздржат од напади што дополнително ќе ги ескалираат регионалните тензии и ќе ја загрозат можноста за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците.“
„Тие ќе сносат одговорност за активностите што ја загрозуваат оваа можност за мир и стабилност. Ниту една земја или нација нема да има корист од натамошна ескалација на Блискиот Исток.“