Necva Taştan Sevinç
14 Август 2026•Ажурирано: 14 Август 2026
Франција денес најостро го осуди заземањето на неколку палестински домови од страна на израелски доселеници во окупираното село Кусра на Западниот Брег, јавува Анадолу.
„Франција најостро го осудува заземањето на неколку палестински домови од страна на израелски доселеници во селото Ал-Кусра на Западниот Брег, како и насилството извршено врз палестинските цивили“, се наведува во соопштението на француското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението израелските власти се повикуваат „да ги приведат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овие дејствија“.
„Додека актите на насилство извршени од доселеници се зголемуваат на Западниот Брег и во Источен Ерусалим, Франција ги повикува израелските власти да ги преземат сите неопходни мерки за заштита на палестинското цивилно население, како што се обврзани да направат според меѓународното право“, соопшти Министерството.
Франција, исто така, повторно ја осуди „политиката на израелско населување“, предупредувајќи дека таа „го загрозува решението со две држави и ги продлабочува тензиите на терен“.
Нападите на израелските доселеници врз Палестинците и нивниот имот се интензивираа низ окупираниот Западен Брег откако Израел ја започна војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, што доведе до палестински и меѓународни предупредувања поради зголеменото одземање земјиште и домови и раселувањето на жителите.