Hasan Esen
20 Септември 2021•Ажурирај: 21 Септември 2021
ЛОНДОН
Средбата помеѓу француската министерка за одбрана Флоранс Парли и нејзиниот британски колега Бен Волис е одложена откако Австралија го откажа договорот за подморници вреден милијарда долари, што го потпиша со Париз, и постигна нов договор со Велика Британија и САД, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министрите за одбрана Парли и Волис требаше да одржат билатерална средба оваа недела и да се обратат на настанот што ќе го одржи Француско-британскиот совет.
Лорд Рикетс, копретседавачот на Француско-британскиот совет, во изјавата за весникот „Гардијан“ рече дека состанокот „е одложен за понатамошен датум“.
Претставникот на Министерството за одбрана во изјава за националната новинска агенција „ПА медија“, истакнувајќи дека „состанокот е одложен, а не откажан“ рече дека Велика Британија и Франција се доверливи сојузници и дека заедно работат на операциите во Мали и за развој на оружје.
Нема информации за кога е одложен состанокот.
Џејмс Клеверли, државен министер за Блискиот Исток и Северна Африка во Велика Британија, за „Би-би-си“ (BBC) наведе дека „сите меѓународни односи имаат подеми и падови“ и рече дека Британија и Франција имаат многу заеднички интереси и дека е уверен дека ова ќе дојде до израз во нивните односи.
- Договор АУКУС помеѓу Австралија, САД и Обединетото Кралство
По договорот АУКУС потпишан од Австралија, САД и Обединетото Кралство на 16 септември, беше соопштено дека е откажан договорот вреден 90 милијарди австралиски долари (66 милијарди американски долари) со француската „Навал груп“ за изградба на 12 конвенционални дизел-електрични подморници.
Оценувајќи го откажувањето на договорот како „предавство“, францускиот министер за надворешни Жан-Ив ле Дриан рече дека „биле застрелани во грб“.
Министерот Ле Дриан соопшти дека, по инструкциите на францускиот претседател Емануел Макрон одлучиле итно да ги отповикаат француските амбасадори во Канбера и Вашингтон за да се консултираат.