Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
16 Ноември 2022•Ажурирај: 17 Ноември 2022
БАЛИ (АА) - Франција денеска изрази солидарност со Украина, но рече дека има потреба од „повторно отворање на преговорите“ кон постојан мир, а истовремено ја пофали улогата на Туркије во повикувањето на двете страни на разговори, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата на крајот од Самитот на Г-20 во Бали, Индонезија, францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека патот до таквите преговори ќе треба да биде целосно компатибилен со потребата на Украина да пружи отпор.
Велејќи дека Украина е „особено храбра со меѓународната поддршка, особено со онаа на САД и Европа“, Макрон ја пофали храброста на Украинската армија, велејќи дека таа „не се бори само за своите права, туку и за нас“.
„Но во одреден момент, и ние, исто така, треба да работиме во корист на преговорите. Мислам дека веројатно ќе постигнеме напредок и ќе има поголем консензус“, додаде тој.
Макрон истакна дека разговарал за прашањето Украина и Русија да се вратат на преговарачка маса со САД, Велика Британија и Германија, како и со индискиот премиер Нарендра Моди, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и кинескиот претседател Си Ѓинпинг на маргините на Самитот во Бали.
„Претседателот Ердоган игра корисна улога во овој поглед“, рече тој.
Туркије е меѓународно пофалена за нејзината политика на рамнотежа кон Русија во услови на војната во Украина, која ѝ овозможи да посредува во неколку договори како што се Договорот за коридорот за жито низ Црното Море и за трансфер на затвореници.
Неодамнешните изјави на руските и украинските претставници укажуваат на можна подготвеност за преговори, иако предусловите на Киев се чини дека засега ги отфрлаат.
Туркије долго време се залага за прекин на огнот и решение преку преговори на конфликтот кој започна кон крајот на февруари.