14 Ноември 2015•Ажурирај: 15 Ноември 2015
ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и јапонскиот премиер, Шинзо Абе, во пресрет на самитот Г20 кој ќе се одржи во Анталија, денес се состанаа во Истанбул каде разговараа за јакнењето на билатералните односи и за продолжување на заедничките проекти во областа на стопанството и енергетиката, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот на двајцата лидери, Ердоган на конференција за новинари рече дека денешниот состанок ќе ги зајакне пријателските односи на двете земји.
„Верувам дека посетата на премиерот Абе додатно ќе ги зајакне постоечките врски но и цврстото пријателство помеѓу двата народа“, истакна турскиот претседател.
Нагласи дека во текот на денешниот состанок се разговало за продолжување на соработката во областа на стопанството и енергетиката.
„Она на што моментално работиме се активности во врска со нуклеарната централа во близина на градот Синоп, а цел ни е тоа да го реализираме до 2023 година“, рече Ердоган.
Премиерот на Јапонија изјави дека лидерите на Самитот Г20 треба да упатат силна порака во врска со проблемот на тероризмот и бегалската криза која засега многу земји.
„На состанокот се сложивме дека меѓународната заедница и лидерите на Г20 треба да пратат силни пораки во врска со проблемите со тероризмот но и со бегалската криза“, рече Абе.
Додаде дека неговата земја сака на секој начин да допринесе кон јакнењето на мирот и стабилноста во целиот свет.
Самитот на лидерите на земјите Г20 ќе се одржи во Анталија на 15-ти и 16-ти ноември. Турската полиција презема зајакнати безбедносни мерки во Анталија, поточно во местот Белек, каде ќе се одржи Самитот Г20 на кој учество најавија лидерите на најразвиените земји во светот.