Hamdi Yıldız
11 Јуни 2021•Ажурирај: 12 Јуни 2021
ГАЗА (АА) - Израел мора да ја забрза обновата на Појасот Газа доколку сака прекинот на огнот да продолжи, порача денеска висок претставник на движењето Хамас, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за телевизискиот канал „Ал Акса“, Халил ал Хаја, заменик-претседателот на политичкото биро на Хамас, рече дека организацијата ги отфрла заканите поврзани со обновата на Газа и нема да прави политички компромиси.
Предупредувајќи дека Израел ќе се соочи со ужасни последици доколку не ја стави под контрола ситуацијата со еврејските доселеници во Кудс (Ерусалим) и во Џамијата „Ал Акса“, Ал Хаја рече дека прекинот на огнот е кревок и дека решавањето на ваквите проблеми е клучно за негово зајакнување.
Ал Хаја рече дека сеопфатната национална визија сè уште не е јасна, поради што изгледа подобро за Палестина да ги одложи состаноците за дијалог во египетскиот главен град Каиро.
Израелските напади врз блокираниот Појас Газа започнаа на 10 мај, а завршија на 21 мај по постигнатиот договор за прекин на огнот со Хамас.
Во израелското бомбардирање на Газа загинаа 254 Палестинци, од кои 66 деца и 39 жени.