Furkan Güldemir
22 Ноември 2017•Ажурирај: 23 Ноември 2017
БЕЈРУТ (АА) - Премиерот на Либан, Саад Харири, соопшти дека на барање на претседателот на државата, Мишел Аун, го одложил поднесувањето оставка на функцијата шеф на Владата, јавува Anadolu Agency (AA).
Харири во Бејрут изјави дека и формално, на денешниот состанок разговарал за оставката со Аун, но оти на негово барање се согласил да го одложи тој чин.
„Со претседателот Аун разговарав за мојата оставка. Тој од мене бараше да почекам со повлекувањто од функцијата и да ги продолжиме консултациите. Го прифатив неговото барање“, изјави Харири во Бејрут.
Харири уште на 4. ноември, во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, соопшти дека поднесува оставка на функцијата премиер на Либан, а по 17 дена, синоќа се врати во Либан.
Тој денес се состана со претседателот на Либан и челник на Парламентот на таа земја, Небих Бери во Бејрут.
Во нивно друштво, Харири присуствуваше и на воената парада одржана по повод Денот на независноста на Либан.
Откако во Ријад се изјасни дека се повлекува од функцијата премиер на Либан, Харири во повеќе наврати се состана со саудискиот крал, Салман бин Абделазиз, а ги посети и ОАЕ, Франција, Египет и Кипар, и се состана со лидерите на тие земји.
За време на обраќањето до јавноста во Ријад, при објавувањето на оставката, Харири изјави дека неговиот коалициски партнер во либанската Влада, Хезболах и раководството на Иран го дестабилизираат регионот и оти стравува дека би можел да биде жртва на атентат по враќањето во Бејрут.
Претседателот на Либан, Аун, во таа пригода изјави дека е загрижен поради ситуацијата во којашто се наоѓа премиерот и го повика да се врати во Либан и да ги објасни причините за оставката. Во спротивно, изјави дека неговата оставка објавена во Ријад се смета за неважечка.