Saadet Gökce,Islam Uddin,Riyaz Khaliq Khaliq
15 Август 2025•Ажурирај: 16 Август 2025
ИСЛАМАБАД / ИСТАНБУЛ (АА) - Хеликоптер што превезувал хуманитарна помош се урна во северозападната пакистанска покраина Хајбер Пахтунхва која е зафатена од поројни дождови и поплави. Во несреќата животот го загубија пет члена на екипажот, вклучувајќи двајца пилоти. Новите дождови и ненадејните поплави однесоа 164 животи низ целата земја, соопшти денес официјален државен претставник, јавува Анадолу.
Хеликоптерот „Ми-17“ на покраинската влада носел хуманитарна помош во областите погодени од обилните дождови кога се урна „поради лошо време“, изјави главниот министер на покраината, Али Амин Гандапур.
Дождови и ненадејни поплави го погодија Пакистан, при што загинаа 164 лица, од кои 150 во Хајбер Пахтунхва, според податоците објавени од Националниот орган за управување со катастрофи (NDMA).
НДМА соопшти дека уште 18 лица се повредени во покраината, додека многу други сè уште се водат како исчезнати.
Се додава дека 5 лица ги загубија животите во покраината Гилгит-Балтистан, а 9 во Кашмир, кој е под пакистанска администрација, познат и како Азад Џаму и Кашмир.
Обилните дождови и поројните врнежи предизвикаа широко распространети поплави во Хајбер Пахтунхва, изјави претходно телефонски за Анадолу портпаролот на покраинската спасувачка единица, Билал Ахмед Фаизи.
Спасувачките екипи соопштија дека поројните дождови предизвикале масовни поплави во областа Саларзаи во округот Баџаур утринава, што резултирало со одрон на неколку куќи.
Гандапур изјави дека урнатиот хеликоптер носел залихи за областа Баџаур.
Локалните власти преместија многу луѓе на побезбедни места поради дождовите и лизгањата на земјиштето во Хајбер Пахтунхва и регионот Гилгит-Балтистан.
НДМА предупреди за уште еден период на монсунски дождови од петок до 10 септември.
Властите, исто така, предупредија дека зголемувањето на температурите го забрзало топењето на снегот и глечерите во регионите со голема надморска височина, зголемувајќи го протокот на вода во реките.
Монсунските дождови, кои обично траат од јуни до септември, често предизвикуваат уништување низ Јужна Азија, вклучително и Пакистан, но климатските промени дополнително ја зголемија нивната непредвидливост и интензитет во последниве години.