Nuri Aydın
09 Декември 2020•Ажурирај: 09 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Амбасадорите на Холандија и Шведска во Дака побараа од Обединетите нации (ОН) да направат проценка за безбедноста и одржливоста на островот Басан Чар, каде што почнаа да се населуваат араканските муслимани, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави порталот „Thedailystar.net“, амбасадорот на Холандија, Хари Вервеј, и амбасадорот на Шведска, Алекс Берг фон Линде, по посетата на бегалските кампови во Кокс Базар во Бангладеш, имале средба со официјалните лица и претставниците на хуманитарните организации.
Вервеј и Линде на средбата истакнале дека ОН треба да го испитаат островот што почнале да го населуваат со Араканци.
Вервеј рече дека нема да се постигнат резултати од преземањето краткорочни решенија за преселување во Араканците, предупредувајќи на потребата од размена на мислења за опциите за развој на среднорочни решенија.
Линде нагласи дека и жените и децата во камповите треба да се чувствуваат безбедно, и истакна дека за трајно решение има потреба од психолошка поддршка на бегалците.
Амбасадорите истакнаа дека ќе продолжат да се фокусираат за да бидат изведени пред суд одговорните за злосторствата извршени во Мјанмар и дека ќе извршат притисок за враќање на Араканците.
Покрај тоа, амбасадорите истакнаа дека нивните земји ќе продолжат со хуманитарната помош за луѓето од регионот и за азилантите, со одржлив развој на Кокс Базар.
Бангладеш започна да ги населува Араканците на островот Басан Чар во Бенгалскиот Залив на 4 декември. Во тие рамки, 1.642 Араканци се испратени на овој остров, оддалечен 50 километри од брегот.
- Муслиманите од Аракан не сакаат да заминат на островот Башан Чар -
Претставникот на Владата на Бангладеш, Тонмој Дас, на 3 мај изјави дека најмалку 29 аракански муслимани, од кои 15 жени и 6 деца, по повеќенеделно опасно патување со рибарски брод стигнале на островот Басан Чар во Бенгалскиот Залив, додавајќи дека покрај храна, на араканските муслимани на островот им е испратен и тим од лекар и полицајци.
Махбуб Алам Талукдер, службеникот одговорен за работите со бегалците, на 16 јануари изјави дека островот Басан Чар е подготвен за живеење на 100.000 аракански муслимани, додавајќи дека на островот се изградени куќи, болници, џамии и вештачки насипи како одбрана од природните катастрофи, како што се поплавите.
На островот, оддалечен 52 километри од најблиската населба на копното и 30 километри од најблискиот остров, може да се стигне само со моторни чамци по патување од 2 часа. Времето на патување станува подолго при лоши временски услови.
Според мерењата на морнарицата на Бангладеш, на островот, кој е на висина од 2,84 метри од морското ниво, присутна е интензивна речна ерозија.
Повеќето муслимани од Аракан не сакаат да заминуваат на островот Башан Чар, на кој Владата на Бангладеш планира да ги смести, бидејќи островот е склон на природни катастрофи.
И меѓународните организации за помош се противат на планот за населување на муслиманите од Аракан на островот, стравувајќи дека евентуалните природни катастрофи би можеле да предизвикаат загуби на човечки животи.