Alma Dekovıc
01 Јануари 2020•Ажурирај: 02 Јануари 2020
ЗАГРЕБ - Хрватска со првиот ден во Новата 2020 година го презеде шестмесечното ротирачко претседателство во Советот на Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Почетокот на претседателството ќе биде официјално одбележано на 9 јануари со доаѓање на членовите на Европската комисија во Загреб и концерт во Хрватскиот народен театар.
Меѓународното отворање на хрватското претседавање ќе биде на 15 јануари со концерт во Брисел, на денот на меѓународното признавање на Хрватска и мирната реинтеграција на Подунавје.
Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, претходно најави дека нејзината земја во текот на шестмесечното претседателство ќе настојува да придонесе во изградбата на подобра и покомпактна Европа и дека очекува во текот на тој период Хрватска да добие нова димензија на својата меѓународна положба.
Како значајни одлуки што ќе бидат донесени ги наведе изгласувањето на европскиот буџет за периодот 2021 - 2027, и квалитетно и чесно решение на односот меѓу ЕУ и Велика Британија за двете страни.
Прв приоритет е „Европа која расте“, кој првенствено го вклучува прашањето за демографскиот раст, а посебно внимание ќе им биде посветено на младите луѓе во руралните подрачја.
Следен приоритет е „Европа која поврзува“, кој има за цел да промовира иницијативи што се од корист за транспортот, енергетиката, дигиталната конекција и нови технологии, но и на полето на спортот, културата и образованието.
Трет приоритет што го наведе претседателката на Хрватска, е „Европа која ги штити своите граѓани“, кој подразбира внатрешна и надворешна сигурност и заштита на европските граѓани, работа на заштита на илегалните миграции, но и на кибербезбедноста, заштитата на приватноста и сузбивање на организираниот криминал.
„Европа која е отворена, самоуверена и понаметлива во непосредното соседство и глобално, е четвртиот приоритет“, наведе хрватската претседателка.
Приоритетите во периодот на претседавањето со Советот на ЕУ претходно ги изнесе хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, во просториите на Националната и универзитетска библиотека, каде што ќе се одржат најголемиот број од настаните поврзани со претседателството на Хрватска во првата половина од 2020 година.