Necva Taştan Sevinç
27 Август 2024•Ажурирај: 29 Август 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Марк Цукерберг, коосновачот на социјалната мрежа Фејсбук и извршен директор на нејзината матична компанија Мета, денес изјави дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден извршила притисок врз компанијата да „цензурира“ специфична содржина за КОВИД-19 за време на пандемијата, пренесува Анадолу.
„Во 2021 година високи функционери од администрацијата на Бајден, вклучително и Белата куќа, со месеци повеќепати вршеа притисок врз нашите тимови за да цензурираат одредени содржини за КОВИД-19, вклучително хумор и сатира, а покажуваа значителна фрустрација доколку нашите тимови не го стореа тоа“, изјави Цукерберг.
Тој рече дека под притисок ја донеле конечната одлука да ја отстранат содржината и да преземат одговорност за промените во политиката со КОВИД-19.
„Верувам дека притисокот од Владата беше погрешен и жалам што не бевме поотворени за тоа. Силно чувствувам дека не треба да ги компромитираме нашите стандарди за содржина поради притисокот од која било администрација во која било насока - и ние сме подготвени да се повлечеме доколку вакво нешто се повтори“, изјави Цукерберг.
Тој потврди и дека нема да обезбеди дополнителни средства за поддршка на изборната инфраструктура преку иницијативата Чан Цукерберг, неговата филантропска организација.
Тој објасни дека претходните придонеси биле перцепирани како „корист на едната страна во однос на другата“.
„Моја цел е да бидам неутрален и да не играм улога на овој или оној начин - или дури и да изгледам како да играм некоја улога. Затоа не планирам да дадам сличен придонес во овој циклус“, рече Цукерберг.