Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
11 Февруари 2021•Ажурирај: 12 Февруари 2021
АНКАРА
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денеска во катарскиот главен град Доха одржа прес-конференција со неговиот катарски колега, шеикот Мухамед бин Абдулрахман ал Тани, при што двајцата министри ja пофалија добрата состојба на билатералните односи меѓу двете земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Со задоволство би можел да кажам дека нашите односи, односите меѓу Турција и Катар, се зајакнуваат секој ден и се развиваат во сите области“, изјави Чавушголу за новинарите.
Тој вети дека двете земји ќе продолжат да работат заедно, со цел понатамошно развивање на односите во сите области.
Во врска со процесот на нормализација меѓу заливските земји, Чавушоглу изјави: „Ова е важен почеток, но се надевам дека односите меѓу овие братски земји ќе се вратат во нормала во претстојниот период. Укинувањата на ембаргото и ограничувањата се исто така важен почеток.“
Тој исто така ја нагласи стабилноста, безбедноста и просперитетот на заливскиот регион, велејќи дека Турција сака и понатаму да ги развива билатералните односи со сите земји во регионот, како и со регионалните организации како што е Советот за соработка во Заливот.
Освен билатералните односи, министрите за надворешни работи се осврнаа и на регионалните прашања, при што Чавушоглу рече: „Турција и Катар оценија како можеме да придонесеме и да ја поддржуваме Либија отсега, и во кои области треба да ја поддржуваме новата администрација за да може да се сретне со очекувањата на либискиот народ.“
Потврдувајќи ја потребата за политичко решение во Сирија, Чавушоглу рече дека Турција и Катар се на иста страна за ова.
„Како што можете да видите, ние не работиме само на подобрување на нашите билатерални односи. Како Турција и Катар, работиме и придонесуваме рамо до рамо за мирно надминување на прашањата во нашиот регион“, додаде шефот на турската дипломатија.
Ал Тани ги пофали и односите меѓу двете земји, нарекувајќи ги „многу посебни и важни“.
Тој, исто така, се заблагодари на Турција за поддршката за резултатот од последниот Самит на Советот за соработка во Заливот, кој заврши со помирување од претходната расправија.
„Нашите односи со Турција се разликуваат и со нетрпение очекуваме да ги развиваме“, нагласи Ал Тани.
Тој исто така ги искоментира и последните случувања во Либија, велејќи: „Ние продолжуваме да ги поддржуваме нашите браќа во Либија и се надеваме дека наскоро ќе биде формирана влада.“
По состанокот со Ал Тани, Чавушоглу беше примен и од катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани.
„Го пренесов поздравот на претседателот Реџеп Таип Ердоган до емирот, шеик Тамим од Катар. Катар излезе посилен од спорот во Заливот. Му честитав за лидерството за време на тој процес“, напиша Чавушоглу на социјалната мрежа Твитер.
Анкара и Доха имаат силни односи, особено по блокадата на Заливот од 2017 година од страна на Саудиска Арабија и други.
Во последниве години, двете земји ги зајакнаа воените и економските врски.