Nazlı Yüzbaşıoğlu
30 Март 2021•Ажурирај: 31 Март 2021
АНКАРА
Во Душанбе, главниот град на Таџикистан, е одржана деветтата министерска конференција „Срцето на Азија - Истанбулски процес“, со која претседаваат Таџикистан и Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во обраќањето пред присутните истакна дека договорот потпишан меѓу САД и талибанците во Доха минатата година бил важен пресврт во мировниот процес во Авганистан, напоменувајќи дека насилството во таа држава сепак и понатаму продолжува.
„Потребно ни е сеопфатно примирје за политичко решение“, изјави Чавушоглу, додавајќи дека безбедноста, стабилноста и просперитетот на Авганистан се многу важни за сите.
Тој потсети дека изминале десет години од одржувањето на првата министерска конференција „Срцето на Азија - Истанбулски процес“ во Турција.
„Горди сме што тоа и понатаму е најширока платформа за Авганистан. Идејата која доведе до оваа иницијатива и понатаму е силна. Проблемите на нашиот регион можат да се решат само во духот на регионалната соработка и одговорност. Многу се корисни мерките за јакнење на довербата во разни области во рамките на Истанбулскиот процес, од борбата против тероризмот до трговијата“, изјави шефот на турската дипломатија.
Истакнувајќи дека мировниот процес во Авганистан достигнал важен пресврт, Чавушоглу изјави дека меѓуавганистанските преговори во Доха разбудиле надеж за траен мир.
Тој нагласи дека и покрај спориот напредок, мировниот процес е единствениот начин за напредок и дека сите би требало да го поддржат во потполност.
„Имајќи го ова на ум како и барањата на авганистанската страна, ќе бидеме домаќини на состанокот на високо ниво во Турција за да ги довршиме и да ги оживееме преговорите од Доха. Се надеваме дека состанокот ќе даде важен придонес во постоечките мировни напори и ќе овозможи значаен напредок во дискусиите за идната политичка мапа на патот за Авганистан“, изјави Чавушоглу.
Тој изјави дека народот на Авганистан заслужува посветла иднина и живот во мир и просперитет.
„Постои огромен потенцијал за регионална поврзаност. Авганистан секако ќе биде меѓу оние што ќе имаат корист од нашата регионална поврзаност“, додаде Чавушоглу.
На крајот нагласи дека Турција и понатаму на сите платформи ќе му пружа помош и поддршка на Авганистан за да завладее мир, стабилност и просперитет во таа држава.