Aysu Biçer
19 Декември 2022•Ажурирај: 20 Декември 2022
ЛОНДОН (АА) - Лидерите на земјите членки на Здружените експедициски сили (JEF) ќе се сретнат денес во Рига, главниот град на Латвија, за да разговараат за војната во Украина и за „консеквентните промени во безбедносната клима во Северниот Атлантик, Балтичкото Море и Арктичкиот Регион, се вели во соопштението на латвиската Влада, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Функционирајќи од 2018 година, коалицијата на земјите членки на Здружените експедициски сили, која го надополнува НАТО, ја сочинуваат Данска, Финска, Естонија, Исланд, Латвија, Литванија, Холандија, Велика Британија, Шведска и Норвешка, формирана со цел брза реакција на кризите во Арктичкиот Регион и Северна Европа.
На состанокот ќе се обрати и украинскиот претседател Владимир Зеленски.
„Од нив (учесниците) се очекува да ја забрзаат соработката меѓу земјите членки на Здружените експедициски сили, да го зајакнат споделувањето разузнавачки информации, да ја зајакнат одбраната од хибридни закани и да ја заштитат критичната национална инфраструктура“, се додава во соопштението на Владата на Велика Британија.
Тие ќе разговараат и за поддршката кон Финска и Шведска во врска со нивното пристапување кон НАТО, како и за зголемување на заедничките вежби за понатамошно зајакнување на Здружените експедициски сили.
Премиерот на Велика Британија, Риши Сунак, се очекува да ги повика лидерите на Здружените експедициски сили да го одржат или надминат нивото на поддршка за Украина од 2022 година и во 2023 година преку континуирана помош, како и економска и политичка поддршка.
„Од Арктичкиот круг до островот Вајт, Велика Британија и нашите европски сојузници беа во чекор со нашиот одговор на инвазијата на Украина, и ние остануваме цврсти во нашиот стремеж за враќање на мирот во Европа“, рече Сунак.
„Но, за да постигнеме мир, ние мора да ја спречиме агресијата... знајте дека овој самит на Здружените експедициски сили само ќе ги потврди нашите блиски пријателства и непоколебливата поддршка за Украина“, додаде тој.
Првиот самит на лидерите на земјите членки на Здружените експедициски сили се одржа на 25 февруари 2022 година, а домаќин на вториот самит беше тогашниот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон, на 15 март 2022 година.