Şerife Çetin
20 Март 2018•Ажурирај: 21 Март 2018
БРИСЕЛ (АА) - Бројот на барањата за азил кои имигрантите во 2017 година ги поднесоа во земјите на Европската Унија (ЕУ) е помал за речиси 50 отсто во однос на претходната година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Европскиот завод за статистика (Евростат) објави извештај во кој се наведува дека минатата година во членките на Унијата азил побарале вкупно 650.000 лица.
Во извештајот се наведува дека тоа е ниво што е забележено пред мигрантската криза, која ескалираше во 2015 година.
Во текот на 2016 година во ЕУ азил побараа 1.206.500 лица, односно речиси двојно повеќе во однос на минатата година.
Во текот на минатата година најмногу барања за азил во членките на ЕУ поднесоа државјаните на Сирија (102.400 лица), Ирак (47.500 лица) и Авганистан (43.600 лица) кои заедно сочинуваат третина од вкупниот број баратели на азил.
Најмногу барања добија властите на Германија во која азилантски статус побараа 198.300 лица. На второ место е Италија која доби 126.600 барања, потоа следуваат Франција, Грција, Велика Британија и Шпанија.
Од друга страна, најмалку барања за азил добија властите на Словачка, Полска, Португалија, Чешка и Естонија.