Sümeyye Dilara Dinçer
07 Јануари 2022•Ажурирај: 09 Јануари 2022
АНКАРА
Шефовите на дипломатиите на Организацијата на туркиските држави на вонреден состанок на 11 јануари ќе разговараат за ситуацијата во Казахстан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Неименуван дипломатски извор информира дека турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, телефонски разговарал со неговиот казахстански колега Мухтар Тлеуберди.
Главна тема на разговорите биле актуелните настани во Казахстан, а Чавушоглу ја повтори подготвеноста на Турција да ѝ помогне на таа земја.
Чавушоглу и Тлеуберди разговараа и за вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на Организацијата на туркиските држави, кој ќе се одржи онлајн во вторник.
Организацијата на туркиските земји ги обединува Турција, Казахстан, Азербејџан, Киргистан и Узбекистан. Туркменистан и Унгарија се земји со статус набљудувач.
Станува збор за организација која е основана во 2009 година под називот Туркиски совет, а сегашното име Организација на туркиски држави го доби на Самитот што се одржа во Турција во ноември 2021 година.