Erbil Başay
10 Март 2019•Ажурирај: 11 Март 2019
БЕРЛИН (АА) - Министерот за надворешни работи на Германија, Хеико Мас, изјави дека Европската Унија (ЕУ) е подготвена да воведе додатни санкции на Венецуела, пренесува Anadolu Agency (AA).
Истакнувајќи дека е важно меѓународната заедница да продолжи да врши голем притисок врз властите на Венецуела, Мас во интервју за весникот „Тагешпигел“ („Tagesspiegel“) изјави дека не треба да се губи додатно време и дека претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, мора да замине од власт.
„Нашата поддршка на Хуан Гваидо е несомнена. Тоа не го менува ниту фактот дека режимот на Мадуро го избрка нашиот амбасадор“, порача Мас.
Шефот на германската дипломатија, ја коментираше и неодамнешната одлука на Германија за продолжување на забраната за продажба на оружје на Саудиска Арабија.
Тој изјави дека причината за тоа не е само бруталното убиство на новинарот Џамал Кашоги, кое се случи минатата година во саудискиот Конзулат во Истанбул.
„Ја забранивме продажбата и за да покажеме дека од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) очекуваме да сторат повеќе за запирање на војната во Јемен“, порача Мас.