Ayhan Şimşek
26 Мај 2023•Ажурирај: 28 Мај 2023
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека планира да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за ситуацијата во Украина, пренесува Анадолу.
„Мојот последен телефонски повик беше пред некое време. Но, планирам повторно да разговарам со Путин во догледно време“, изјави Шолц во интервју за германскиот дневен весник „Колнер Штад-Анцајгер“.
Тој нагласи дека Германија и нејзините западни партнери ќе продолжат да го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Русија мора да разбере дека не може да се работи за склопување некаков студен мир, на пример со претворање на сегашната борбена линија во нова граница меѓу Русија и Украина“, рече Шолц.
„Се работи за праведен мир, а предуслов за тоа е повлекување на руските трупи“, додаде тој.
Германскиот канцелар не даде јасен одговор на прашањето дали тоа ќе важи и за полуостровот Крим, кој е под руска окупација од 2014 година.
„Не е наше да формулираме какви договори сака да постигне Украина“, рече Шолц и нагласи дека на крајот ќе биде склучен мировен договор меѓу властите во Москва и Киев.
Шолц, исто така, одби да коментира дали е потребна промена на режимот во Русија за да се постигне мир преку преговори.
„Не ми се допаѓаат таквите шпекулативни прашања“, додаде германскиот канцелар.