Ayhan Şimşek
23 Ноември 2022•Ажурирај: 23 Ноември 2022
БЕРЛИН (АА) - Капацитетите за складирање гас сега се полни, а првите терминали (на ТПГ) во земјата ќе станат оперативни за неколку недели, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето пред пратениците за време на дебатата за буџетот, Шолц ги отфрли критиките од опозициските партии дека Владата не ги презема потребните мерки за да спречи недостиг на енергија и прекини во зимскиот период.
„Пред една година нашите капацитети за складирање беа празни како никогаш досега. Денеска се со полн капацитет. Тоа е затоа што оваа Влада не зборува само, туку и дејствува“, рече канцеларот од редот на Социјалдемократите.
Тој истакна дека коалициската Влада на левиот центар ги презела сите неопходни чекори за постепено прекинување на зависноста на државата од увозот на руски гас.
„Во исто време, оваа Влада, брзо како никогаш досега во нашата земја, се погрижи да имаме алтернатива. За неколку недели во северна Германија ќе започнат со работа првите терминали за ТНГ“, рече Шолц.
Тој, исто така, посочи дека Владата ги реактивирала електраните на јаглен и го продолжила животниот век на последните три нуклеарни централи во државата до средината на април следната година.
„Оваа Влада ќе се погрижи обновливите извори на енергија и неопходните мрежи за пренос да бидат изградени многу побрзо од кога било досега“, рече канцеларот.
Германија се соочува со тешка енергетска криза поради Руско-украинската војна, што доведе до прекини на снабдувањето со нафта и гас и ги доведе цените на енергијата на рекордно високо ниво.
Владата настојува да ги диверзифицира изворите за снабдување со природен гас, и моментално работи на изградба на терминали за течен природен гас (ТПГ) во северните германски пристаништа Брунсбител, Вилхелмсхавен, Штаде и Лубмин.
Пред почетокот на војната во Украина, 55 отсто од гасот Германија го увезуваше од Русија.