Erbil Başay
26 Мај 2019•Ажурирај: 27 Мај 2019
БЕРЛИН (АА) - Германскиот претседател Франк Волтер Штајнмаер денеска изјави дека вреди борбата за обединета Европа и во тој контекст апелираше да се гласа на европските парламентарни избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Низ Европската Унија денеска се одржуваат избори за нов состав на Европскиот парламент, а германскиот претседател Штајнмаер гласаше на избирачкото место во Берлин.
Штајнмаер гласаше во придружба на својата сопруга Елке Буденбендер, а потоа на новинарите им изјави дека е среќен што Германија како демократска земја е дел од обединета Европа.
„Затоа вреди да се бориме и да излеземе на гласање. Се надевам дека ќе има голем одѕив на гласачите“, рече Штајнмаер.
Германската канцеларка Ангела Меркел гласаше претходно по пошта.
Право на глас на изборите за Европскиот парламент имаат 74,7 милиони гласачи во Германија, од каде што треба да бидат избрани 96 парламентарци.