Ekip
08 Април 2022•Ажурирај: 11 Април 2022
БЕРЛИН (АА) - На рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, треба да им се суди во Меѓународниот кривичен суд (ICC) за нивната воена агресија во Украина, рече денеска германскиот претседател.
„Сите кои се одговорни за овие злодела ќе мора да се оправдаат себеси. Ова вклучува војници. Ова вклучува воени команданти. И секако, и оние кои сносат политичка одговорност“, рече Франк-Валтер Штајнмаер за „Дер шпигел“ (Der Spiegel).
Минатиот месец, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд отвори истрага за украинската војна, велејќи дека има „оправдани причини да се верува дека биле направени и наводни воени злосторства и злосторства против човештвото“.
Штајнмаер рече дека фотографиите кои доаѓаат од украинскиот град Буча се ужасни и „одвај може да се носи со нив“.
„Тие уште еднаш резимираа што значи рускиот криминален напад врз Украина, какво страдање и смрт носи тој, вклучително и протерување. Тоа ме прави исклучително лут и тажен“, рече тој.
Германскиот претседател рече дека бил шокиран од одлуката на Путин да ѝ објави војна на Украина.
Штајнмаер рече дека не претпоставувал дека рускиот претседател во империјално лудило ќе ризикува целосна политичка, економска и морална пропаст на неговата земја.
Долгогодишниот и цврст застапник за европското зближување со Москва, Штајнмаер, изрази каење за неговиот претходен став, велејќи дека неговата поддршка за гасоводот „Северен тек 2“ била јасна грешка.