Hamdi Yıldız
02 Мај 2023•Ажурирај: 03 Мај 2023
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот затвореник Кадер Аднан почина во израелски затвор откако штрајкуваше со глад последните 87 дена, јавува Анадолу.
Во соопштението на палестинското движење Исламски џихад се наведува дека оваа организација денес е во жалост поради смртта на нејзиниот лидер Кадер Аднан, кој беше упорен и решителен.
„Пред светот што ги штити тероризмот и неправдата, херојот на слободата Кадер Аднан го положи својот живот како маченик поради злосторствата извршени од непријателите“, се вели во соопштението, во кое е истакнато дека израелската окупаторска власт ќе плати цена за тоа.
Аднан, чија здравствена состојба неодамна се влоши, штрајкува со глад веќе 87 дена. Во соопштението не се дадени дополнителни информации за смртта на Аднан.
Здружението на палестинските затвореници на 23 април објави дека израелскиот воен суд го одбил ослободувањето со кауција на Аднан, чие здравје се влошило.
Исто така, беше посочено дека Аднан, кој присуствуваше на сослушувањето преку видеоконференција, неколкупати изгубил свест за време на сослушувањето.
„Здравјето на палестинскиот затвореник е во критична фаза, но окупаторската администрација продолжува да го држи во затворската клиника, не дозволува да биде пренесен во цивилна болница и да биде посетен од неговото семејство“, се наведе тогаш во соопштението.
Аднан штрајкуваше со глад 66 дена во 2012 година, 52 дена во 2015 година, 59 дена во 2018 година и 25 дена во 2021 година како одговор на притворот. Аднан го започна штрајкот со глад на 5 февруари.
Обвинет од страна на Израел дека е член на движењето Исламски џихад и дека учествувал во „антиизраелски активности“, 44-годишниот Аднан од 2012 година неколкупати бил приведен и осуден на затворски казни со „административен притвор“.