Erbil Başay
01 Април 2019•Ажурирај: 02 Април 2019
БЕРЛИН (АА) - Штрајкот на работниците во јавниот транспорт во Берлин, главниот град на Германија, доведе до долги редици во сообраќајот, јавува Anadolu Agency (AA).
На повик на синдикатот „Верди“, околу 14.500 вработени во претпријатието за јавен превоз „BVG“ во Берлин, ова утро започнаа штрајк, барајќи зголемување на платите.
Метрото, автобусите и трамваите нема да превезуваат патници за време на штрајкот, кој ќе трае до утре до 03:00 часот по локално време.
Граѓаните на Берлин кои не можеа да ги користат услугите на јавниот транспорт за да стигнат до работното место беа принудени да ги користат своите автомобили.
Во некои улици сообраќајот беше блокиран, особено улиците околу центарот на градот и автопатот, а тоа пак, доведе до создавање на долги редици во сообраќајот. Вработените имаа проблеми да стигнат до своите работни места, а учениците до училиштата.
Патничките возови бидејќи не припаѓаат на компанијата „BVG“ продолжија да возат по вообичаениот редослед. Сепак, поради штрајкот и кај нив сообраќајот се одвиваше со потешкотии.
Синдикатот „Верди“ при разговорите за колективниот договор бараше неделното работно време да се намали од 39 на 36 часа, а исто така и значително зголемување на платите на работниците.
Синдикатот ја отфрли понудата на „BVG“ да се зголеми платата за 450 евра, и рече дека тоа е измама и дека работодавачот со тој предлог се обидува да ги подели вработените.