Zehra Ulucak
13 Февруари 2020•Ажурирај: 13 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - На бродот, што во Јапонија е ставен под карантин поради епидемијата на коронавирусот (Ковид-19), откриени се нови 44 случаи на носители на овој вирус, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според новинската агенција „Кјодо“, на крузерот „Дајмонд принцес“ на кој се наоѓаат околу 3.700 патници, што минатата недела беше ставен под карантин на пристаништето „Јокохама“, се забележани нови случаи на вирусот „Ковид-19“, со што бројот на заразени со овој вирус на бродот достигна бројка од 218 лица.
Во соопштението што го објави јапонското Министерство за здравство се вели дека вирусот „Ковид-19“ е забележан кај 44 лица на бродот, од кои едно лице е член на екипажот. Со овие нови случаи, бројот на заразени од новиот тип коронавирус во Јапонија изнесува 247 лица.
Во соопштението се информира дека меѓу новите 44 случаи на заразени со коронавирусот, 29 лица се државјани на Јапонија.
- Постарите лица порано ќе можат да го напуштат бродот -
Mинистерот за здравство на Јапонија, Катсунобу Като, во изјавата дадена за медиумите рече дека на хронично болните постари лица, доколку при тестирањето во врска со коронавирусот бидат негативни, ќе им биде дозволено порано од планираното да го напуштат бродот.
Министерот Като информираше дека од оние што ќе се симнат на копно ќе биде побарано да останат во одреден објект до крајниот рок предвиден за карантин, истакнувајќи дека јапонските власти прават сè што е во нивна моќ за здравјето на патниците и екипажот на бродот.
Карантинот на патниците и екипажот на бродот, според планираното, би требало да трае до 19 февруари.
- Бродот беше ставен под карантин на 4 февруари -
Крузерот што се укотви на пристаништето „Јокохама“ во близина на главниот град Токио на 4 февруари беше ставен под карантин откако кај еден од патниците од Хонгконг беше откриен вирусот „Ковид-19“.
Новиот тип коронавирус за првпат е забележан на 12 декември во кинескиот град Вухан. Комисијата за здравство на Вухан на 31 декември го затвори пазарот за морска храна „Хуанан“ под образложение дека кај 27 лица што биле во контакт со тоа место е забележана „мистериозна болест“. Светската здравствена организација (СЗО) прогласи состојба на глобална опасност.
Во Кина бројот на починати како последица на заразата со „Ковид-19“ изнесува 1.368, а заразени се 59.883 лица.
Тедрос Аданом Гебреисус, директорот на Светската здравствена организација (СЗО), завчера соопшти дека на новиот тип коронавирус што се појави во Кина му е дадено името „Ковид-19“.