Riyaz Khaliq Khaliq
28 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Јапонија денес објави дека планира да ја санкционира Белорусија поради војната помеѓу Русија и Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во објавеното соопштение по телефонскиот разговор со украинскиот претседател Владимир Зеленски, Кабинетот на премиерот Фумио Кишида најави дека ќе воведе дополнителни санкции за Русија.
„Ќе воведеме ограничувања на трансакциите со руската Централна банка и ќе воведеме нови санкции за Белорусија“, се вели во соопштението.
Белорусија се обвинува дека застанала на страната на Москва во тековната војна против Киев. Минск ги отфрла ваквите обвинувања.
Какви санкции ќе има врз Белорусија допрва треба да се открие. Токио веќе воведе санкции за Русија.
Јапонија воведе санкции врз рускиот претседател Владимир Путин, руски официјални лица, три руски банки, и го поддржа отстранувањето на Русија од финансискиот систем СВИФТ.
Во соопштението се додава дека Јапонија исто така ќе ги продолжи визите на сите Украинци во Јапонија кои тоа го сакаат.
Потегот на Јапонија уследи на петтиот ден од војната помеѓу Русија и Украина, а најновите извештаи укажуваат на тоа дека руските трупи се упатуваат кон главниот град, Киев.
Руската воена интервенција врз Украина беше пресретната со осуда од меѓународната заедница, а ЕУ, Велика Британија, Јапонија, и САД спроведоа низа економски санкции против Москва.
Москва е дополнително изолирана откако на нејзините авиокомпании им е забрането да го користат европскиот воздушен простор, а голем број нејзини банки беа исфрлени од меѓународниот банкарски систем СВИФТ.
За да се справи со хуманитарната криза поради војната, Јапонија обезбеди 100 милиони долари помош за Украина, покрај заемот од 100 милиони долари за оваа источноевропска земја.