Ahmet Furkan Mercan
27 Јануари 2021•Ажурирај: 27 Јануари 2021
ТОКИО (АА) - Јапонскиот премиер Суга Јошихиде се извини откако беше откриено дека висок раководител на владејачката партија шетал во доцните часови, и покрај повикот „останете дома“, според правилата за вонредната состојба кои се во сила во рамките на борбата против новиот вид коронавирус (Ковид-19) во 11 јапонски префектури, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на седницата за буџет во Домот на советници на Јапонија (Sangiin), премиерот Суга потсети на обвинувањата дека Мацумото Џун, заменик-претседателот на Комитетот за парламентарни прашања на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП), шетал во областа Гинза во Токио во време кога требало да биде дома.
„Многу ми е жал што се случи оваа ситуација кога ја замолив јавноста да се ‘воздржи од излегување’“, рече Суга во врска со прошетката на раководителот на ЛДП, и покрај упатениот повик да се остане дома, додавајќи дека ќе бидат преземени неопходни мерки во врска со овој случај.
Според онлајн изданието на неделникот „Шукан Шинчо“ (Shukan Shincho), Мацумото на 18 јануари, откако излегол од еден ресторан околу 21:00 часот, во баровите во областа Гинза останал до 23:20 часот.
Според јапонскиот неделник „Шукан Буншун“ (Shukan Bunshun), и Тојама Кијохико, заменик-генералниот секретар на Комеито, коалицискиот партнер на ЛДП, вечерта на 22 јануари, исто така, останал до доцните часови во еден бар во Гинза.
Според агенцијата „Кјодо“, Мацумото и Тојама признале дека во доцните часови отишле на гореспоменатите места, и покрај повиците „останете дома“.
Премиерот Суга претходно се имаше извинето по критиките упатени од опозициските партии, бидејќи во средината на декември 2020 година, кога вонредната состојба не беше во сила, лично присуствувал на две одделни вечери, и покрај повиците во земјата да не се учествува на големи собири.
Во рамките на вонредната состојба која е во сила во 11 јапонски префектури, вклучувајќи го и главниот град Токио, од луѓето се бара да не излегуваат надвор, освен ако немаат потреба од тоа и навечер по 20:00 часот да останат во своите домови. Рестораните се повикуваат да престанат да продаваат алкохол по 19:00 часот и да затворат најдоцна до 20:00 часот.