Zeynep Hilal Karyağdı
29 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
АДЕН (АА) - Четири лица загинаа во напад со возило-бомба извршен во градот Аден во Јемен, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите добиени од локални извори, извршен е напад со возило-бомба пред зградата на Министерството за финансии на земјата, која се наоѓа во подрачјето Хур Мексер во Аден.
Четири лица загинаа во експлозијата којашто предизвика голема штета на седумкатната зграда, како и на куќите во близина.
Според изворите, во нападот има и ранети, но не се знае точната бројка.
Властите не дадоа некаква изјава околу случајот. Сѐ уште никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Привлече внимание тоа што експлозијата се случи по помалку од 24 часа од средбата на премиерот на Јемен, Ахмед бин Дагр, со лидерите на коалицијата под водство на Саудиска Арабија, во Аден.
Хусите и приврзаниците на соборениот претседател Али Абдулах Салих од септември 2014 година, под своја контрола ги држат главниот град Сана и некои подрачја од земјата каде што долго време владее политичка нестабилност. Коалициските сили под водство на Саудиска Арабија од март 2015 година ја поддржуваат Владата на Јемен.