Ekip
29 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
КАРАНГАСЕМ (АА) - Аеродромот на индонезискиот туристички остров Бали е повторно отворен откако поради вулканска активност беше затворен на почетокот од неделата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Иако претходно беше објавена информација дека аеродромот „Нгурах Раи“ ќе остане затворен и во наредните 24 часа, портпаролот на аеродромот денес соопшти дека облакот од вулканска пепел, кој достигна висина од 7.600 метри, ја променил насоката на движење јужно и југоисточно од планината Агунг, па на тој начин просторот над аеродромот се расчистил.
Во понеделникот беше запрен целиот воздушен сообраќај, беа откажани повеќе од 400 летови, а последиците од тоа ги почуствуваа десетици илјади патници.
Летовите за Бали се пренасочени кон аеродромите на девет локации, меѓу кои и Џакарта.
Индонезиските официјални лица наведуваат дека и покрај отворањето на аеродромот, опасноста сѐ уште не е помината. Претседателот на земјата, Џоко Видодо им порача на жителите да го напуштат подрачјето во близина на вулканот, поради безбедносни причини.
Од тоа подрачје досега се евакуирани околу 40.000 лица, а од 100.000 од ризичните подрачја е побарано да ги напуштат домовите.