Halime Afra Aksoy
25 Февруари 2021•Ажурирај: 26 Февруари 2021
АДЕН
Војската на Јемен соопшти дека е соборено беспилотно летало на бунтовничкото движење Хуси на границата со Саудиска Арабија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од Информативниот центар на вооружените сили кој дејствува при Министерството за одбрана, соопштено е дека во покраината Ал Џавф е откриено беспилотно летало со муниција.
Во соопштението се наведува дека беспилотното летало е лоцирано над градот Ал Хазм, а соборено е на местото Ен Нубуд.
Бунтовничкото движење Хуси сѐ уште не се огласило во врска со овој случај.
Јемен е место на длабока политичка и безбедносна криза, која кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна, кога бунтовниците предводени од шиитското движење на Хусите и од Конгресот предводен од претседателот Салех го зазедоа најголемиот јеменски град Сана, а потоа и другите региони.
Коалициските сили под водство на Саудиска Арабија од март 2015 година ѝ даваат поддршка на Владата на Јемен против Хусите, што ја влоши ситуацијата и предизвика една од најлошите хуманитарни кризи во светот. Според податоците на ОН, на дури 80 отсто од 24 милиони жители на Јемен им е потребна хуманитарна помош, а гладуваат повеќе од 13 милиони лица.