Ikrame Imane Kouachi
02 Март 2024•Ажурирај: 04 Март 2024
САНА (АА) – Јеменската Влада денес објави дека британскиот брод „Рубимар“ потонал во Црвеното Море „поради временските услови и силните ветрови“, пренесува Анадолу.
„Објавуваме дека бродот М/В Рубимар потона синоќа, петок, поради временските услови и силните ветрови“, соопшти групата за управување со кризи формирана од јеменската влада за товарниот брод „Рубимар“.
Владата изрази „жалење поради потонувањето на бродот, што ќе предизвика еколошка катастрофа во територијалните води на Јемен и Црвеното Море“.
Британскиот брод „Рубимар“, кој беше цел на Хусите на 18 февруари, превезувал големи количества амонијак и нафта, соопшти јеменската државна новинска агенција Саба.
Минатата сабота, јеменската влада соопшти дека бродот се движел кон јеменските острови Ханиш во Црвеното Море, што претставува закана за „голема еколошка катастрофа“.
Американската Централна команда (ЦЕНТКОМ) минатата сабота рече дека „неиспровоциран и безобѕирен напад на терористите Хуси поддржани од Иран предизвика значителна штета на бродот, што доведе до создавање нафтена дамка долга 18 милји“.
„М/В Рубимар пренесуваше над 41.000 тони ѓубриво кога беше нападнат, кое може да се излее во Црвеното Море и да ја влоши оваа еколошка катастрофа“, се додава.
Јеменската група на Хусите врши напади врз товарни бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив кои се во сопственост или управувани од израелски компании, или транспортираат стоки до и од Израел, во знак на солидарност со Појасот Газа, кој е под израелски напади од 7 октомври.
Со ескалацијата на тензиите поради заедничките напади на Соединетите Американски Држави и Велика Британија против позициите на Хусите во Јемен, групата објави дека ги смета сите американски и британски бродови за легитимни воени цели.