Riyaz Khaliq Khaliq
21 Август 2026•Ажурирано: 21 Август 2026
Сеул денес ја повика Северна Кореја да „прекине“ со своите „навредливи изјави“ за Јужна Кореја откако американскиот претседател Доналд Трамп нареди да бидат скратени заедничките воени вежби со источноазискиот сојузник, јавува Анадолу.
„Навредливите изјави за нашата Влада и претседател не помагаат во градењето меѓусебна доверба“, соопшти Кабинетот на јужнокорејскиот претседател, според јужнокорејската новинска агенција Јонхап.
„Ја повикуваме Северна Кореја да престане со непотребната критика и да чекори заедно кон мирен соживот на Корејскиот Полуостров“, се додава во соопштението.
Сеул реагираше на изјавата на сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Јо-џонг, која рече дека Сеул се „нашол во неповолна ситуација да ја прекине ’воената игра‘ што многу ја сакаше“.
Во неделата Трамп му нареди на Пентагон да ги скрати годишните 11-дневни воени вежби „Улчи Фридом Шилд“ на пет дена, кои треба да завршат денес, повикувајќи се на својот однос со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Сестрата на севернокорејскиот лидер претходно ги призна „одличните“ односи меѓу Ким и Трамп, но изјави дека „непријателската“ политика на САД кон Пјонгјанг не е сменета.
Обвинувајќи го јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг за „дволично однесување“, Ким изјави дека тој „јавно се обидувал да им се додворува на САД со тоа што изговарал срамни зборови дека изразува ’почит‘ кон ’одлучната одлука на Трамп за повлекување‘ и … потоа зборувал за ’независна национална одбрана‘ и ’независно јакнење на воените капацитети‘ за подготовка за ’најлошото сценарио‘“.
Ли јавно ја поддржа одлуката на Трамп и повика на преземање на оперативната контрола во воени услови од САД до 2030 година, нагласувајќи ја потребата од зајакнување на одбранбените механизми.
Одговарајќи на изјавата на Ким, Кабинетот на Ли денес соопшти: „Како страна директно вклучена во градењето мир на Корејскиот Полуостров, Владата ќе продолжи со блиска соработка со САД, истовремено вложувајќи проактивни напори да помогне во обновувањето на дијалогот меѓу Северна Кореја и САД како ’посредник‘.“
Изјавата на Ким дојде неколку часа откако Северна Кореја лансира најмалку 10 балистички ракети со краток дострел кон Источното Море, познато и како Јапонско Море, додека воените вежби меѓу САД и Јужна Кореја сè уште беа во тек.