Mustafa Keleş
15 Август 2016•Ажурирај: 16 Август 2016
ЊУЈОРК (АА) - Полицијата во Њујорк уапси осомничено лице за убиството на имам и еден верник, кое се случи во саботата пред џамија во Њујорк, јавува Anadolu Agency (AA).
Повикувајќи се на безбедносни извори, американските медиуми јавуваат дека полицијата во Њујорк уапсила триесетгодишно лице осомничено дека во саботата, по молитвата пред џамијата го убил имамот со потекло од Бангладеш, Маулана Аконџи (55) и неговиот пријател Тахару Удин (64). Надлежнитете институции досега не соопштија детали за обвинувањето поради кое лицето е лишено од слобода.
Паралелно со тоа, кандидатката на Демократската партија за претстојните претседателски избори, Хилари Клинтон, со посредство на социјалната мрежа Твитер остро го осуди саботното убиство на имамот и неговиот пријател, и порача дека за такви валкани дела нема место во САД.
Слична порака и осудувања упатија и гувернерот и градоначалникот на Њујорк, Ендру Комо и Бил де Бласио.
Имамот и верникот се застрелани со огнено оружје околу 14 часот по локално време (1800GMT), во близина на џамијата во паркот Озон, додека се враќале дома од молитва, а досега надлежните институции не објавија информации во врска со можниот мотив за тој свиреп чин.
Од друга страна, претставниците на муслиманската заедница во САД се огорчени и тврдат дека станува збор за злосторство сторено поради омраза кон муслиманите. Предупредуваат дека реториката на омраза кон муслиманите на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп би можела да донесе до ескалација на такви злосторства.
Аконџи и Удин денес ќе бидат погребани во Бруклин.