Zuhal Demirci
23 Февруари 2022•Ажурирај: 24 Февруари 2022
ЛОНДОН (АА) ‒ Британскиот премиер Борис Џонсон најави дека неговата земја ќе обезбеди дополнителен пакет воена поддршка за Украина, која се соочува со сѐ поопасно однесување во Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одговарајќи на прашањата за време на неделната седница на Долниот дом на британскиот Парламент, Џонсон нагласи дека Велика Британија „е на чело во обезбедувањето воена поддршка“ на Украина и изјави дека ја чуваат муницијата во резерва за долга борба.
„Се соочуваме со растечкото заканувачко однесување на Русија и во согласност со нашата претходна поддршка, Велика Британија наскоро ќе ѝ обезбеди на Украина дополнителен пакет воена поддршка. Тоа ќе вклучува борбена и неборбена помош во форма на одбранбено оружје“, рече Џонсон.
Кир Стармер, лидер на најголемата опозициска Лабуристичка партија, го повика премиерот Џонсон да воведе построги санкции кон Русија, критикувајќи го за вчерашната владина одлука за санкции.
Стармер изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не е „миротворец“ и дека „суверената нација е окупирана“.
Нагласувајќи дека Велика Британија е подготвена да ги заостри санкциите, Џонсон посочи дека следниот бран санкции ќе биде насочен кон сите руски банки и поединци кои имаат корист од лондонскиот пазар.
Стармер, исто така, го праша Џонсон дали емитувањето на „Раша тудеј“ (Russia Today RT) во Велика Британија ќе биде забрането, опишувајќи го каналот како „пропагандна алатка на Путин“.
Наведувајќи дека британската министерка за култура, Надин Дорис, побарала од Агенцијата за контрола на медиумите „Офком“ да го разгледа ова прашање, Џонсон рече: „Ние живееме во демократија и земја која верува во слободата на изразување. Мислам дека е важно тоа да се остави на „Офком“, а не на политичарите да одлучуваат кои медиуми ќе бидат забранети.“