Ahmet Gürhan Kartal
02 Јули 2022•Ажурирај: 03 Јули 2022
ЛОНДОН (АА) - Коосновачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, вчера до британскиот Висок суд поднесе жалба на одлуката на британската Влада, што е донесена минатиот месец, за екстрадиција на САД, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Со овој потег на Асанж ќе започне нова борба меѓу неговиот правен тим и американското Министерство за внатрешни работи, што може да трае со месеци пред да биде донесена конечната одлука.
Герет Пирс од тимот на Асанж изјави дека во четвртокот поднеле две жалби до Високиот суд на Велика Британија против неговата екстрадиција.
Во меѓувреме, поддржувачите на Асанж во петокот протестираа во Лондон пред Министерството за внатрешни работи на Велика Британија извикувајќи ги слоганите „Новинарството не е злосторство“ и „Ослободете го Асанж веднаш“.
Меѓународната федерација на новинари (IFJ) започна кампања за ослободување на Асанж.
„Казнувањето на Асанж поради разоткривање на воените злосторства претставува закана за сите новинари низ светот“, се наведува во соопштението на Меѓународната федерација на новинари.
Британската министерка за внатрешни работи, Прити Пател, на 17 јуни го потпиша документот за екстрадиција на Асанж.
Судот во Велика Британија во април упати налог за екстрадиција до министерката Пател, потврдувајќи дека американските уверувања во врска со нивната постапка кон Асанж се доволни за екстрадиција.
Британскиот суд во Вестминстер кон крајот на април издаде службен налог за екстрадиција на Асанж на САД, каде што ќе се соочи со обвиненијата за шпионажа. Судот ја донесе одлуката по повеќе од еден месец откако е одбиена жалбата на Асанж на одлуката на понискиот суд за неговата екстрадиција на САД.
Американските власти го бараат Асанж поради наводна завера откако објави стотици илјади документи во врска со војните во Ирак и Авганистан, вклучувајќи и докази за можни воени злосторства.
САД во декември минатата година го добија спорот на британскиот Висок суд за претходната одлука дека Асанж не треба да биде екстрадиран поради реален и „опресивен“ ризик од самоубиство.
Доколку биде екстрадиран во САД, на Асанж ќе му се суди по 18 точки од обвинението за хакирање на компјутери на американската Влада и кршење на законот за шпионажа, при што му се заканува повеќегодишна затворска казна.
Минатата година Асанж е извлечен од зградата на Амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што беше засолнет повеќе од 7 години.