Dejan Maksimoviç
12 Јануари 2017•Ажурирај: 13 Јануари 2017
ЛОНДОН (AA) – Славен Билиќ, менаџер на Вест Хем Јунајтед на британските медиуми им призна дека најдобриот клупски играч Димитри Пајет не сака да игра, но истакна дека нема да го продаде во зимскиот период на трансфер, јавува Anadolu Agency (AA).
Пајет во февруари мината година потпиша нов петгодишен договор со „чеканите“ и сѐ беше идеално. Меѓутоа, по сѐ изгледа послабите резултати на Вест Хем во оваа сезона го натерале францускиот репрезентативец да размисли за заминување. Наводно, за него е заинтересиран Олимпик Марсеј, клуб од кој стигнал во Лондон.
„Одамна кажавме дека не ги продаваме нашите најдобри играчи, но Пајет повеќе не сака да игра за нас. Меѓутоа, нема да го продадеме. Разговарав и со претседателот, не станува збор за пари. Ние му дадовме долг договор, бидејќи сакаме да остане“, кажува Билиќ и додава:
„Тој одбива да игра за нас. Добив доверба да управувам со тимот. Додека не го смени ставот и покаже посветеност кон клубот, каква што клубот покажува кон него, ќе биде вон тимот. Разговаравме пред неколку дена, но тоа започнало пред десетина дена, дури и многу порано пред да почне прпериодот на трансфер“.
Од доаѓањето во Вест Хем во 2015. Година, Пајет стана клучен играч на тимот на Билиќ. Играше блескаво и беше движечка сила во текот на минатата сезона, кога Вест Хем играше одлично. Во првите 30 натпревари постигна девет гола, а во овие 18 само два.
„Се чувствувам луто. Му дадовме сѐ. Се чувствувам изневерено, луто, разочарано. Овој тим му даде сѐ“, се пожали Билиќ.
Пајет кариерата ја почна во Екселсиор, на островот Реунион, француска територија во Индискиот Океан, а пред доаѓањето во Англија играше и за Нант, Сен-Етјен, Лил и за Марсеј.
За Франција одигра 32 натпревара и постигна осум гола.