Ekipa
12 Јуни 2016•Ажурирај: 12 Јуни 2016
ПАРИЗ (АА) - Во францускиот Марсеј во нередите на навивачите коишто избија пред и по натпреварот Англија и Русија одигран во рамките на Европското првенство во фудбал повредени се 35 лица, соопшти француската полиција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Шефот на регионалната полиција, Лоренс Нунез, потврди дека меѓу повредените најголем дел се малолетници. Нунез не даде повеќе информации за англискиот навивач кој, според пишувањето на британските медиуми, е во критична состојба.
Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) ќе покрене дисциплинска постапка против фудбалските сојузи на Англија и Русија поради синоќешните нереди на стадионот во Марсеј, а поголема казна ѝ се заканува на Русија бидејќи на снимките се гледа дека нивните навивачи ги напаѓаат Англичаните.
„УЕФА единствено може да преземе дисциплински мерки за инцидентите кои се случиле во рамките на периметарот на стадионот”, се наведува во соопштението на УЕФА.
Откако Русија го изедначи резултатот две минути пред крајот на средбата, група руски навивачи ги совладаа припадниците на обезбедувањето задолжени да ги раздвојат двете групи на стадионот, а на видеоснимките поставени на Твитер се гледа како англиските навивачи бегаат од Русите кои трчаат по нив и фрлаат по нив со разни предмети.
Во изјава за медиумите, лидерот на француските социјалисти, Жан-Кристоф Камбаделис, застана во одбрана на спроведувањето на законот во својата земја, обвинувајќи ги за насилството „пијаните хулигани”.