Денеска во Египет започнува Светското првенство за ракометари, 27. по ред, а ќе трае до 31 јануари. За првпат на едно светско првенство во ракомет ќе се натпреваруваат 32 репрезентации, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тутулата „Светски првак“ ја брани репрезентацијата на Данска, која на последното првенство што се одржа во Шпанија за првпат се закити со злато во својата историја. Како и сите останати репрезентации пред поаѓањето за Египет, и репрезентацијата на Данска имаше проблеми поради пандемијата на коронавирусот, па до последен момент не се знаеше дали Микел Хансен ќе ги брани боите на Данска. Имено, извонредниот лев бек беше една од големиот број светски ракометни ѕвезди кои не сакаа да играат пред публика поради зголемениот ризик од ширење на коронавирусот.
Организаторите два дена пред почетокот на Првенството соопштија дека се откажале од планот 20% од трибините да бидат пополнети со публика, така што Светското првенство ќе се игра без публика.
Ковид-19 е и причина на ден пред почетокот на Првенството да се смени листата на учесници. Имено, поради големиот број случаи на заразени играчи со коронавирусот, од Првенството се откажаа репрезентациите на Чешка и САД, а наместо нив, според рангирањето на Светската ракометна федерација (IHF), на ова Првенство ќе учествуваат репрезентациите на Северна Македонија и Швајцарија, 15. и 16. репрезентација од последното Европско првенство.
Пред почетокот на Светското првенство многу е тешко да се дадат какви било предвидувања, бидејќи многу нешта зависат од тоа колку репрезентации ќе имаат здрави играчи и дали ќе има појава на случаи на Ковид-19. Сепак, репрезентацијата на Данска спаѓа меѓу фаворитите пред почетокот на Првенството.
Покрај Данска, тука се и репрезентациите на Франција, Шпанија и Хрватска, кои се речиси секогаш учесници во борбата за медал. Покрај нив, шанса да постигне добар резултат има и Норвешка, која во последните години е во подем, а тука се и традиционално силните репрезентации на Шведска и Германија. Од втор план своја шанса ќе чекаат Словенија, Исланд, Унгарија и селекцијата на Ракометниот сојуз на Русија, која под тоа име настапува во Египет поради суспензијата што им е изречена на руските спортисти поради скандалот со допинг.
Од репрезентациите надвор од Европа најголеми шанси да се вмешаат во борбата за медал имаат домаќинот Египет, потоа Тунис и Катар, кој е единствената неевропска репрезентација која се закити со медал на светските првенства. Тоа се случи во 2015 година кога Катар како домаќин се закити со сребрен медал.
Балканот на ова Светско првенство, наместо планираните две, ќе го претставуваат три репрезентации. Покрај Хрватска и Словенија кои тоа го стекнаа со пласманот во полуфиналето на ЕВРО 2020, во Египет на Светското првенство ќе учествува и Северна Македонија, која е повикана наместо Чешка.
Репрезентациите на Хрватска и Словенија на последното Европско првенство беа меѓу четирите најдобри репрезентации. Хрватска го освои второто место, а Словенија беше четврта.
Хрватска повторно ќе ја води искусниот селектор Лино Червар, кој во јануари минатата година ја одведе хрватската репрезентација до европското сребро.
Светското првенство започнува денеска со натпреварот во Каиро меѓу домаќинот Египет и репрезентацијата на Чиле во рамките на првото коло во групата Г. Средбата ќе започне во 18:00 часот.
Во оваа група ќе игра и репрезентацијата на Северна Македонија, која својот прв настап ќе го игра против Шведска на 14 јануари (утре) со почеток во 20:30 часот.
- Досегашни светски шампиони
Репрезентацијата на Германија е првиот светски шампион во ракомет 1938 година. Следуваат: Шведска - 1954 година, 1958 - Шведска, 1961 - Романија, 1964 - Романија, 1967 - Чехословачка, 1970 - Романија, 1974 - Романија, 1978 - Источна Германија, 1982 - СССР, 1986 - СФР Југославија, 1990 - Шведска, 1993 - Русија, 1995 - Франција, 1997 - Русија, 1999 - Шведска, 2001 - Франција, 2003 - Хрватска, 2005 - Шпанија, 2007 - Германија, 2009 - Франција, 2011 - Франција, 2013 - Шпанија, 2015, Франција, 2017 - Франција, 2019 - Данска.
- Група А
Германија
Унгарија
Уругвај
Зеленортски Острови
- Група Б
Шпанија
Тунис
Бразил
Полска
- Група Ц
Хрватска
Катар
Јапонија
Ангола
- Група Д
Данска
Аргентина
Бахреин
ДР Конго
- Група Е
Норвешка
Австрија
Франција
Швајцарија
- Група Ф
Португалија
Алжир
Исланд
Мароко
- Група Г
Шведска
Египет
Северна Македонија
Чиле
- Група Х
Словенија
Белорусија
Јужна Кореја
Ракометен сојуз на Русија
- Систем на натпреварување
За првпат на едно светско првенство за ракометари ќе настапат 32 репрезентации поделени во 8 групи со по 4 тима. Интересен е фактот дека натпреварувањето во втората фаза од Првенството ќе го продолжат по трите најдобро пласирани репрезентации од секоја група и со себе ќе ги понесат бодовите освоени во меѓусебните дуели. Потоа ќе бидат формирани нови 4 групи од кои двете првопласирани репрезентации ќе се пласираат во четвртфиналето.
„President’s cup“ ќе продолжи да се игра, а во него ќе учествуваат четвртопласираните репрезетнации од осумте групи за пласман на 25. до 32. место.
Четвртфиналните натпревари на програмата се на 27 јануари, а два дена подоцна ќе се играат полуфиналните дуели. Борбата за бронзениот медал е закажана за 31 јануари со почеток во 14:30 часот, а финалето ќе се игра истиот ден со почеток во 17:30.