Hüseyin Burak Demirer
14 Август 2023•Ажурирај: 17 Август 2023
МАДРИД (АА) - Шпанскиот голман Кепа Аризабалага пристигна во редовите на Реал Мадрид, потврдија од „клубот на кралевите“, јавува Анадолу.
Кепа пристигна во Реал Мадрид за сезоната 2023/2024 како позајмен играч од Челси за да го замени Тибо Куртоа, кој се повреди непосредно пред почетокот на сезоната.
Челси сакаше да му помогне на мадридскиот клуб бидејќи голманот го позајми без опција за откуп на договорот, така што 28-годишниот голман ќе се врати на Стемфорд Бриџ на крајот од оваа сезона.
Голманот Куртоа во четвртокот ги скина предните лигаменти на коленото, па веројатно за него оваа сезона е завршена.
Кепа важи за најскап голман во историјата на фудбалот. Челси го донесе за рекордни 80 милиони евра од Атлетик Билбао во 2018 година.
Во својата досегашна кариера настапи за Басконија, Атлетик Билбао Б, Понферада, Реал Ваљадолид, Атлетик Билбао и Челси. Во дресот на репрезентацијата на Шпанија забележа 13 настапи.