Fatih Erel
28 Декември 2023•Ажурирај: 03 Јануари 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Лајпциг, еден од тимовите на германската прва фудбалска лига (Бундеслига), потпиша 4,5-годишен договор со македонскиот играч за врска Елиф Елмас, кој досега го носеше дресот на италијанскиот тим Наполи. Претходно Елмас ги бранеше боите на турскиот фудбалски клуб Фенербахче, јавува Анадолу.
Во соопштението што го објави фудбалскиот клуб Лајпциг се вели: „Елиф Елмас се сели од Наполи во РБ Лајпциг на 1 јануари 2024 година. 24-годишниот играч на теренот ќе го носи дресот со број 6 и потпиша 4,5-годишен договор до јуни 2028 година.“
Од Лајпциг информираа дека Елмас ќе го има првиот тренинг со новиот тим на 2 јануари.
Елмас, кој настапи во редовите на Фенербахче во периодот од 2017 до 2019 година, додека ги бранеше боите на Наполи го освои фудбалскиот шампионат на Италија за 2022/23 година во Серија А.
Според договорот што Фенербахче го потпиша со Наполи при трансферот на Елмас, има можност од овој трансфер да издејствува максимален бонус од 1,5 милиони евра.
Во соопштението што ФК Фенербахче го објави во 2019 година при трансферот на Елмас, се вели: „Во случај играчот во иднина од Наполи да премине во друг клуб, нашиот клуб има можност да добие максимален бонус од 1,5 милиони евра, во зависност од сумата на трансферот што ќе ја добие Наполи.“