Admir Fazlagic
14 Март 2021•Ажурирај: 15 Март 2021
СКОПЈЕ
Актуелниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) Мухамед Сејдини реизбран е за претседател на ФФМ на редовното генерално Собрание на ФФМ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти ФФМ, на редовното генерално изборно Собрание на Фудбалската федерација на Македонија присуствуваа 52 од вкупно 53 делегати и сите му дадоа поддршка на актуелниот претседател на ФФМ, Мухамед Сејдини.
Свое обраќање до присутните на Собранието на Фудбалската федерација на Македонија имаа високите гости од УЕФА, Зоран Лаковиќ, директор на Национални асоцијации, а во видео изјава изборот на Сејдини му го честиташе и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
„Честа да се биде претседател на Фудбалската федерација на Македонија е голема. Вашата поддршка ме обврзува да продолжам да го давам својот максимум за развој на македонскиот фудбал", рече Сејдини во своето обраќање.
„Годината 2020. на фудбалски план ќе ја паметиме по нашиот најголем успех и пласманот на нашето прво Европско првенство. Потврдивме дека кога се работи искрено и мотивирано резултатите не изостануваат. Во тој правец ќе продолжиме и во следниот период. На најдобрата репрезентација им ги овозможуваме најдобрите услови за работа, а поголем мотив за нив од настап на Европското првенство мислам дека не постои. Им посакувам многу успех во Букурешт и Амстердам и дај Боже одново да се радуваме на големи резултати", истакна Сејдини.
„Поддршка, техничка, финансиска и логистичка, како и досега ќе добијат и сите други национални селекции. Тоа е нашата репрезентативна база и ќе продолжиме да ги надградуваме младинските селекции и Академијата на ФФМ", додаде тој.
Сејдини рече дека ФФМ секогаш ќе ја помага својата база, а општинските фудбалски сојузи се нераскинлив дел од ова семејство, повикувајќи ги а разговараат, да се борат и да работат заеднички.
„Ги повикувам и охрабрувам клубовите од Македонската лига. Вклучете се активно во организацијата на натпреварувањата. Како и досега, секогаш ќе ја имате мојата и поддршката на федерацијата за формирање на Ваше здружение за организација на натпреварите. За тој чекор, ниту некогаш сум бил противник, ниту ќе бидам. Тоа е натпреварување на клубовите и доколку сметате дека треба да го организирате преку свое здружение ја имате мојата целосна поддршка. ФФМ ќе помогне во таа насока на начин на кој заеднички ќе одлучиме", изјави Сејдини.
„Додека јас сум претседател на оваа федерација, чесноста и отвореноста ќе бидат особини кои нѐ красат. Вратата на Фудбалската федерација секогаш ќе ви биде отворена", порача првиот човек на ФФМ.
Потсетуваме, во март 2019 година на Собранието на ФФМ во Охрид, Мухамед Сејдини беше избран за претседател на ФФМ со мандат до 2021 година.