Hüseyin Burak Demirer
15 Март 2021•Ажурирај: 16 Март 2021
АНКАРА (АА) - Викендот се одиграа натпреварите во фудбалските лиги на Англија (Премиер лига), Шпанија (Ла Лига), Италија (Серија А), Германија (Бундеслига) и Франција (Лига 1), кои се сметаат за најпрестижните 5 фудбалски лиги во Европа, пишува Агенција Анадолија (АА).
На лидерската позиција во Англија се наоѓа Манчестер Сити, во Шпанија Атлетико Мадрид, во Германија Баерн Минхен, во Франција Лил, а во Италија на првото место се наоѓа Интер.
- Премиер лига -
Манчестер Сити, лидерот во Премиер лигата, изминатата недела одигра 2 натпревари. Манчестер Сити во текот на неделата со 5:2 го победи Саутемптон, додека за време на викендот со 3:0 победи на гостувањето во Фулам.
Манчестер Јунајтед на домашен терен со 1:0 го совлада Вестхем Јунајтед, а Лестер Сити му нанесе тежок пораз од 5:0 на Шефилд Јунајтед.
Арсенал на домашен терен го пречека Тотенхем, совладувајќи го со 2:1.
На лидерската позиција во Премиер лигата со 71 бод и натпревар повеќе се наоѓа Манчестер Сити. Второпласиран е Манчестер Јунајтед со 57 бодови, додека третопласиран е Лестер Сити со 56 бодови.
Вечерва, со почеток во 21:00 часот, Вулверхемптон Вондерерс и Ливерпул ќе го одиграат последниот натпревар од 29. коло на Премиер лигата.
- Ла лига -
Атлетико Мадрид, кој се наоѓа на првото место во шпанската фудбалска Ла лига, во текот на неделата како домаќин со 2:1 го совлада Атлетико Билбао. Викендов Атлетико Мадрид му гостуваше на Хетафе. Оваа средба заврши без победник 0:0.
Реал Мадрид, актуелниот шампион на Шпанија, кој минува низ тежок период поради повредите на играчите, на домашен терен го пречека Елче. На овој натпревар Реал славеше со 2:1.
Барселона денес на домашен терен ја пречекува екипата на Уеска, натпревар со кој ќе бидат одиграни сите средби од 27. коло во Ла лига.
- Серија А -
Екипата на Интер, лидерот во италијанската фудбалска лига Серија А, му гостуваше на Торино. Интер извојува победа од 1:2 и ја постигна својата 8. последователна победа во лигата.
Поразот на Милан на домашен терен од Наполи со резултат од 0:1 му овозможи на Интер да ја зголеми предноста пред Милан на 9 бодови.
Екипата на Јувентус, освојувачот на шампионската титула во последните 9 првенства во Серија А, со хек-трикот на Кристијано Роналдо извојува победа од 1:3 на гостувањето во Каљари.
По 27. коло во италијанската Серија А, на првото место се наоѓа Интер со 65 бодови. На втората позиција се наоѓа Милан со 56, а третопласиран е Јувентус со 55 бодови и натпревар помалку.
- Бундеслига -
Екипата на Баерн Минхен, лидерот во германската Бундеслига, со победа од 1:3 се врати од гостувањето кај Вердер Бремен.
Лајпциг на домашен терен одигра нерешено 1:1 против Ајнтрахт Франкфурт, додека Волфсбург со 5:0 ја совлада гостинската екипа на Шалке 04.
По 25. коло во Бундеслигата, Баерн Минхен, актуелниот шампион на Германија и освојувач на фудбалскиот шампионат на земјата во последните 8 години, е лидер на табелата со 58 бодови. Второпласиран е Лајпциг со 54 бодови, додека третопласиран е Волфсбург со 48 бодови.
- Лига 1 -
Во француската Лига 1, екипите претенденти за првото место неделата ја минаа со загуба на бодови. Лидерот Лил на гостувањето во Монако одигра без погодоци 0:0.
Екипата на Париз Сен Жермен (ПСЖ), актуелниот шампион и освојувач на француското првенство во последните 3 години, на домашен терен загуби од Нант со 1:2. Натпреварот Ремс - Олимпик Лион заврши без победник 1:1.
По 29. коло во француската Лига 1 на првото место се наоѓа Лил со 63 бодови. Следуваат ПСЖ и Олимпик Лион со 60 бодови, додека Монако е на четвртата позиција со 56 бодови.