Doga Kirmizioglu
03 Април 2019•Ажурирај: 04 Април 2019
АНКАРА
Оклахома Сити Тандер извојува победа над Лос Анџелес Лејкерс од 119 : 103, а ѕвездата на Тандер, Расел Вестбрук, со играта што ја прикажа, влезе во историјата на НБА како втор играч на кој му успеало да постигне трипл-дабл со повеќе од 20 успешни обиди во три статистики, јавува Anadolu Agency (AA).
Синоќа се одиграа 4 натпревари во американската Национална кошаркарска лига НБА. Во Западната конференција, Оклахома Сити Тандер, која го обезбеди пласманот во плејоф-натпреварите, на домашен терен го совлада тимот на Лос Анџелес Лејкерс со 119 : 103 и стигна до својата 45. победа сезонава.
Главна улога во победата на Тандер имаше Вестбрук кој постигна 20 поени, 21 асистенција и 20 скока, со што го запиша своето име во историјата на НБА, како втор играч на кому му пошло од рака да ја надмине границата од 20 во три статистики. Прв на кого тоа му пошло од рака е Вилт Чејмберлен во далечната 1968 година, играјќи за тимот на Филаделфија Севентисиксерс. Трипл-даблот што Чејмберлен го постигна пред 51 година е 22 поени, 25 скока и 21 асистенција.
Вкупно шест играчи на Тандер имаа двоцифрен учинок на натпреварот. Џереми Грант постигна 22 поени, Пол Џорџ 19 поени, Теренс Фергусон и Денис Шредер по 15, додека Стивен Адамс натпреварот го заврши со 13 поени.
По изгубената можност да се пласираат во плејоф напреварувањето во НБА, екипата на Лејкерс на овој натпревар настапи без голем број ѕвезди. Најпрецизен во редовите на Лејкерси беше Кентевиус Колдвел-Поуп со 23 поени, а Алекс Карусо постигна 15.
- Вориорс победник во дербито против Нагетс
Во дербито меѓу двете првопласирани екипи од Западната конференција, екипата на Голден Стејт Вориорс, шампионот на НБА во последните две години, на домашен терен го совлада Денвер Нагетс со резултат 116 : 102 и остана на лидерската позиција. Доколку Нагетс победеше, ќе се изедначеше со Вориорс по бројот на победи и порази.
Вориорс дојдоа до својата 53. победа сезонава, а најголем придонес во тоа дадоа Демаркус Казинс со дабл-дабл од 28 поени, 13 скока и 5 асистенции, Кевин Дурант со 21 поен, 6 асистенции и 3 скока и Стефен Кари со 17 поени, 5 скока и 5 асистенции.
Денвер Нагетс го доживеаја својот 26. пораз сезонава, а најпрецизен во тимот беше Џамал Мареј со 17 поени, 4 скока и 3 асистенции.
- Харден повторно ја мина границата од 30 поени
Џејмс Харден од Хјустон Рокетс и на гостинскиот терен на Сакраменто Кингс успеа да постигне повеќе од 30 поени. Во натпреварот во кој Хјустон го совлада Сакраменто со резултат 105 : 130, Харден постигна дабл-дабл од 36 поени, 10 асистенции и 3 скока, и даде голем придонес во победата над Кингси. Одлична игра за Рокетси прикажаа и Кенет Фарид со дабл-дабл од 12 поени, 11 скока и една асистенција.
Кај домаќините се истакнаа Бади Хилд со 20 поени, 7 скока и 5 асистенции и Марвин Багли со 19 поени, 8 скока и 1 асистенција, но тоа не беше доволно да се избегне поразот од Рокетси.
За вечер се закажани 12 натпревари во НБА.
- Резултати
Оклахома Сити Тандер - Лос Анџелес Лејкерс 119 : 103
Голден Стејт Вориорс - Денвер Нагетс 116 : 102
Сан Антонио Спарс - Атланта Хоукс 117 : 111
Сакраменто Кингс - Хјустон Рокетс 105 : 130