Hüseyin Burak Demirer
16 Март 2021•Ажурирај: 18 Март 2021
АНКАРА
Кошаркарската НБА-ѕвезда Јанис Антетокумпо му ја донесе четвртата последователна победа на Милвоки Бакс на натпреварот на кој го постигна својот трет последователен трипл-дабл, јавува Агенција Анадолија (АА).
Синоќа се одиграа 8 натпревари во НБА. Екипата на Милвоки Бакс, која е една од фаворитите во Источната конференција, на гостувањето кај Вашингтон Визардс извојува победа од 122:133, и дојде до својата 9. победа во последните 10 натпревари.
Јанис Антетокумпо, кој во последните 2 години е избран за МВП (најкорисен играч) во регуларниот дел од сезоната на НБА, на натпреварот против Визардс постигна трипл-дабл од 31 поен, 15 скока, 10 асистенции и 3 украдени топки и го понесе Бакс во нова победа. Дваесет и шестгодишниот грчки кошаркар се запиша во историјата на клубот како прв кошаркар кому му успеало трипати по ред да постигне трипл-дабл.
Јанис по седми пат во својата кариера успеа да постигне трипл-дабл во кој постигнал над 30 поени и го собори клупскиот рекорд на Карим Абдул Џабар кој ги бранеше боите на Бакс во периодот 1969–1975.
Во редовите на Бакс, свој придонес во победата дадоа Брук Лопез со 22 поени, 7 скока и 4 блокади и Крис Мидлтон со 23 поени, 5 скока и 2 асистенции.
Кај Визардс најдобар перформанс прикажаа Бредли Бил со 37 поени, 6 скока и 5 асистенции, Расел Вестбрук со дабл-дабл од 23 поени, 17 асистенции и 5 скока и Руи Хачимура со 22 поени, 7 скока и 5 асистенции.
- Лејкерси победници во калифорниското дерби
Во натпреварот на тимовите на државата Калифорнија меѓу Лос Анџелес Лејкерс и домаќинот Голден Стејт Вориорс победата ја извојуваа Лејкерси со 97:128.
Најпрецизни во редовите на Лејкерс беа Монтрезл Харел со 27 поени, 5 скока и 3 украдени топки, Леброн Џејмс со трипл-дабл од 22 поени, 11 асистенции и 10 скока и Тајлен Хортон-Такер со дабл-дабл од 18 поени, 10 асистенции и 4 скока.
Кај Вориорс најпрецизен беше Стефен Кари со 27 поени, 3 скока и 2 асистенции, Ендру Вигинс со 15 поени и 3 скока и Џордан Пул со 14 поени.
Кари со двете асистенции на овој натпревар, во својата кариера постигна вкупно 4.855 асистенции, со што стана новиот рекордер на клубот во асистенции, преземајќи ја титулата од Гај Роџерс.
- Резултати:
Вашингтон Визардс - Милвоки Бакс 122:133
Шарлот Хорнетс - Сакраменто Кингс 122:116
Бруклин Нетс - Њујорк Никс 117:112
Детроит Пистонс - Сан Антонио Спарс 99:109
Далас Маверикс - Лос Анџелес Клиперс 99:109
Денвер Нагетс - Индијана Пејсерс 121:106
Феникс Санс - Мемфис Гризлис 122:99
Голден Стејт Вориорс - Лос Анџелес Лејкерс 97:128.