Miki Trajkovski
20 Февруари 2016•Ажурирај: 21 Февруари 2016
ОХРИД (АА) - Охрид прераснува во регионален центар за подготовки на спортските екипи од Балканот, особено на фудбалските тимови кои во најголемиот македонски туристички центар се подготвуваа за вториот дел од натпреварувачката сезона. Одличните климатски фактори, добрите терени и големиот избор на сместувачки капацитети се главните причини што екипите ги посочуваат како главни фактори поради кои го избираат Охрид како дестинација за подготовки.
Спортско рекреативниот центар Билјанини извори во Охрид располага со четири фудбалски терени од кои еден е на вештачка трева. Располага и со најсовремена атлетска патека каде многу често се подготвуваат македонските атлетичари пред секои големи атлетски настани и спортска сала со капацитет од 2000 гледачи.
Во фаза на изградба е затворениот пливачки базен, како и два тениски терени и едно мултинаменско спортско игралиште.
„Во овој момент во спортскиот центар се одржуваат зимските подготовки на спортските екипи од регионот.Тоа се екипи кои ја темпираат својата форма за пролетниот дел од сезоната.Нашите заложби за изградба на теренот на вештачка трева се покажаа како полн погодок бидејки се поголем е интересот но и се поголем е бројот на фудбалските екипи кои своите припреми ги одржуваат овде“, рече за АA Ристе Мишев, директор на СРЦ Биљанини извори.
Директорот Мишев вели дека планираат во наредниот период да се изгради уште еден терен на вештачка трева со што дополнително ќе се зголеми квалитетот на понудата за фудбалските екипи од регионот.
„Се надевам дека во иднина ќе добиеме уште еден ваков терен на вештачка трева со што ќе го зголемиме бројот на фудбалски екипи кои ќе ги одржуваат подготовките во Охрид, кој во моментот прераснува во топ дестинација за спортски туризам.Имаме десеттина екипи кои ги користат нашите терени. Имавме екипи од Србија и Македонија од првата и втората фудбалска лига.Се поголем е бројот на екипи кои доаѓаат кај нас.Минатата година имавме четири екипи од Србија, а годинава нивниот број е шест. Имаше најава и за други екипи но термините беа резервирани“, вели Мише.
Многу екипи Охрид го користат за подготовки и во текот на летниот период. Во тој период доаѓаат фудбалски тимови од соседна Албанија. Од Биљанини извори велат дека идејата им е да привлечат екипи и во другите спортови како ракомет или кошарка. Спортската сала Биљанини извори често пати е домаќин на европски и светски првенства за помлади категории во ракомет и кошарка во машка и женска конкуренција, а беше домаќин и на Европското првенство во ракомет за жени.Во наредните неколку месеци ќе се изврши презентација на спортскиот центар и на неговите капацитети во некои од државите од регионот со цел повеќе спортски колективи да слушнат за него.
Од Србија на подготовки во Охрид дојдоа екипите на Јавор од Ивањица, Борац од Чачак, Радник од Лучане,Младост од Сурдулица, Спартак- Суботица како и македонските екипи Ренова, Металург, Шкупи и Тетекс. Дополнително во Охрид беа присутни и други екипи кои одиграа пријателски натпревари со екипите кои повеќе време останаа во Охрид.
Тренерот на фудбалската екипа Јавор од Ивањица во Србија, Младен Додиќ вели дека Охрид го одбрале поради многу причини.
„Збирот на цената и квалитетот беа пресудни да дојдеме во Охрид. Имав можност да одам на подготовки и во Анталија и на Кипар, но она што овде го гледам е одлично. Добриот глас надалеку се слуша и се повеќе екипи доаѓаат овде.Имавме можност овде да одиграме и неколку квалитетни пријателски натпревари што е можно за нас, бидејки во исто време на едно место има неколку екипи.Тоа порано беше проблем , но сега не е. Затоа годинава го избравме Охрид за зимски подготовки.Охрид обрнува се повеќе внимание на себе. Очекувам вложување уште повеќе во инфраструктурата за да биде уште по интересна дестинација како Кипар или Турција “, вели Младен Додиќ тренер на Фудбалскиот клуб Јавор од Ивањица.
Додиќ вели дека прв пат е во Охрид, но се надева не и последен пат иако неговиот фудбалски тим и минатата година престојувале покрај Охридското езеро на подготовки.
„Прв пат сум овде.За Охрид до сега слушав како туристичка дестинација, меѓутоа овие услови зборуваат дека Охрид во наредниот период ќе биде интересна дестинација и за спортски туризам особено во зимскиот период“, додава Додиќ.
Српските екипи велат дека со самото тоа што имало шест екипи од нивната држава на подготовки тоа било најдобра презентација за Охрид. Претставниците на фудбалските тимови ги посочија и добрите услови во хотелските капацитети во Охрид, за кои велат дека нудат се што една екипа посакува да го има, како што се современи спа центри и одлична љубезност на домачините. Велат дека недостасуваат барем уште два фудбалски терени со што дополнително ќе се зголеми интересот на екипите.
Локалните власти велат дека ќе направат се што е во нивните можности да ја подобрат спортската инфраструктура и да го до уредат спортскиот центар.