Miki Trajkovski
27 Февруари 2016•Ажурирај: 28 Февруари 2016
ОХРИД (АА) - Златната соба која е сместена во Куќата на Робевци во Охрид е новата туристичка атракција во најголемиот туристички центар во Македонија.
Во истата се презентирани 513 златни и позлатени предмети кои се пронајдени на различни локации во Охрид и истите потекнуваат од 7 век пред нашата ера до 19 век од новата ера. Станува збор за единствена ваква соба не само на Балканот туку и пошироко.
Од позначајните предмети овде се наоѓаат златната маска и златната ракавица кои беа пронајдени на локалитетот Горна Порта во 2002 година, златните обетки во форма на гулабици од 3-2 век пред нашата ера, златната ромбоидна плочка, златниот колан со потекло од архајскиот период и други предмети. Некои од артефактите кои се изложени во златната соба се од Отоманскиот период. Внатрешниот дел од собата е во форма на гроб, бидејки дел од златните предмети биле пронајдени токму во гроб во кој се претпоставува дека биле закопани видни граѓани на Охрид пред неколку векови.
„Овие предмети во најголем дел го зафаќаат периодот од железното време до отоманскиот период. Во централниот дел од изложбениот простор е презентиран гробот 132 кој е откриен на локалитетот „Забранетата ледина“ кај Горна пора во Охрид. Значаен е по тоа што покрај многубријните гробни наоди кои се откриени, тука е откриена и познатата златната маска и златната рака. Погребувањето потекнува од Архајскот период односно од 5 век пред нашата ера. Направена е една реконструкција на гробната архитектура со сите наоди кои се откриени во неа.Надвор од неа пак се презнтирани наодите од другите локалитети“, изјави во разговор за АА, Бојан Танески, археолог кустос во Завод и музеј Охрид.
Во внатрешноста на гробот има и предмети кои се од железо, ќерамика, сребро, бронза, ќилибар. Станува збор за најатрактивниот простор во Охрид бидејки посетителите на едно место можат да го видат развојот на градот Лихнид како што некогаш се нарекувал денешен Охрид во изминатите 25 векови. Целата музејска поставка е наречена „Златото на Лихнитида“.
„Ова се сите златни предмети кои ги поседува Завод и музеј Охрид.Со новите археолошки истражувања бројот би се зголемувал“, вели Танески.
Некои од артефактите кои се изложени во златната соба се од Отоманскиот период. Станува збор за монети од 19 век од времето на Селим трети и Мехмет втори. Поголем дел од изложените артефакти со децении биле чувани во разни депоа за да сега со отварањето на златната соба и се достапни на пошироката јавност.Некои од нив се откриени во 50-те години на 20 век, а има наоди кои се откриени со истражувањата кои се реалзираат од 2007 година до денес. Се претпоставува дека сите овие златни предмети биле дел од колекциите на жителите од богатите слоеви кои во далечното минато живееле во Охрид.
- 8.000 туристи за една година ја посетиле „Златната соба“
Најголем дел од туристите кои ја посетиле златната соба се странски гости, но не мал е бројот и на домашните туристи.
„Со зголемувањето на бројот на туристи кои се заинтересирани за културното наследство на Охрид, расте и бројот на посетители на гости во златната соба. Минатата година неа ја посетиле околу 8000 туристи.Се надеваме дека со реконструкција на музејската зграда Робевци овој број во иднина ќе биде многу поголем “, вели Бојан Танески археолог кустос.
Помеѓу оние кои се заинтересирани за оваа туристичка атракција се и гостите од Турција. Музејот во Охрид има склучено договор со неколку туристички агенции кои носат гости во собата.
„На самиот почеток интересот од македонските граѓани беше многу поголем. Собата е интересна и по тоа што во неја се презенитирани накит, гробни прилози, апликации, делови од облека, монети“, вели Танески.
Од Музејот велат дека кај странските гости нема доволно информации за оваа соба која е несекојдневна локација за посети. Се надеваат дека гласот за неа набргу ќе се прошири.
- Најсовремена опрема за заштита на „Златната соба“
„За заштита на собата од евентуални кражби се користат најсовремени уреди, а тоа се видео надзор,алармни системи и 24 часовно физичко обезбедување“, велат од Музејот во Охрид. Дополнително секој од златните предмети во внатрешноста на гробот поединечно се заштитени со аларм.
“Овде е презентирано и најстарото злато во Македонија. Тоа се салтелеони кои се откриени на археолошкиот локалитет Плаошник.Тоа се еден вид на златни жички извиени во форма на спирала. Најверојатни биле еден вид на декорација на косата и потекнуваат од седми век пред наша ера“, додава Танески.
Академик Вера Битракова Грозданова на отварањето на собата рече дека златото го отсликува животот на едно време, моќта, благостостојбата, економијата, трговијата и релациите со подалечните простори и цивилизации.
„Тоа има и други пораки како материјал на трајноста и вечноста. Затоа прапретците од Требеништа беа погребувани со златни маски, покриени со златни листови, златни ракавици и накит како херои кои треба да останат да живеат во вечноста“, рече тогаш академик Вера Битракова-Грозданова.
Инаку, златната маска која се наоѓа во собата до сега беше на изложби во Утрехт Холандија и во Германија.