Serdar Bitmez,Zeynep Hilal Karyağdı
08 Јули 2018•Ажурирај: 09 Јули 2018
ДОХА (АА) - СЕРДАР БИТМЕЗ -
Како што се приближува полуфиналето на Мундијалот во Русија, фудбалската грозница која го зафати целиот свет, особено се забележува во Катар, кој во 2022 година ќе биде домаќин на Светското првенство.
Очите веќе еден месец се вперени во Русија, а посебна е атмосферата во Катар, каде што веќе започнаа подготовките за следното првенство.
Фатима Нуајми, директорката на Одделот за комуникација на Високиот совет за проекти и наследство, за АА изјави дека паралелно со подготовките за Мундијалот во 2022 година, на жителите настојуваат да им ја доловат атмосферата на стадионите за време на Светското првенство.

Така, на одредени стадиони и во спортските сали се поставени екрани за следење на натпреварите, а гледачите имаат чувство дека се наоѓаат во Русија. На овој начин и семејствата можат да уживаат во натпреварите.
Таа додаде дека настојуваат да ги искористат искуствата од првенствата во Русија, поради што од Катар во Русија е пратена екипа која ќе ги забележи корисните податоци за организација на Мундијалот.

Нуајми додаде дека Катар е прва арапска земја која ќе биде домаќин на Светското првенство и дека целта е да привлече голем број посетители.
„Светското првенство ќе биде златна можност за посетителите да го запознаат Катар и неговата култура“, истакна таа.
Таа потсети дека се започнати разни проекти и планови за проширување на инфраструктурата за сместување на големиот број посетители.
„Катар на посетителите ќе им понуди разни можности, од хотел од три до пет ѕвездички, крузери, до сместување во кампови во пустини и шатори...“, појасни Нуајми.
Тоа што Катар географски е мала земја, Нуајми го смета за предност.
„Сите подготовки се вршат на простор од 55 квадратни километри во Доха. Тоа го олеснува транспортот. На тоа подрачје патувањето ќе трае најмногу еден час. Така навивачите нема да губат многу време за движење меѓу стадионите и ќе можат да гледаат повеќе натпревари во еден ден“, додаде таа.
Поради екстремно високите температури на воздухот во Катар за време на летниот период, Светското првенство во фудбал во 2022 година веројатно ќе биде одржано во ноември или декември.