МИЛАНО (АА) - Седиштето на компанијата ГДЕ „Бертони“ е мала зграда сместена во индустриската зона во Падерно Дуњано, град на периферијата на Милано, во северниот дел на Италија, известува Агенција Анадолија (АА).
Зградата има два ката со канцеларии и работилници и десетина вработени. Компанијата е една од десетината илјади мали и средни компании кои го сочинуваат столбот на италијанската економија и придонесуваат земјата да биде една до најпросперитетните во светот.
Токму тука во последните 50 години се произведува еден од најпознатите предмети на планетата - трофејот на Светските фудбалски првенства.

Во почетокот на 1970-тите години, откако Бразил по третпат го освои трофејот „Жил Риме“ на СП во Мексико Сити со победата над Италија, започна приказната за најпознатиот трофеј на светот.
Според тогашните правила на ФИФА, три победи на светските првенства (1958, 1962 и 1970) значеа дека Бразилците дома ќе го носат трофејот „Жил Риме“, наместо да го вратат во седиштето на Светската фудбалска федерација во Цирих, како што тоа претходно се случуваше.
Трофејот „Жил Риме“ беше преоден сѐ додека некоја селекција три пати не ја освои титулата Светски првак во фудбал. Тоа му успеа на Бразил во 1970 година, па трофејот стана нивна трајна сопственост. Трофејот се наоѓаше во просториите на Фудбалскиот сојуз на Бразил полни 13 години.

Тогаш ФИФА ја препозна потребата од редизајн и изработка на нов пехар, по што отвори меѓународен конкурс на кој пристигнаа 53 примероци од целиот свет.
Меѓу нив беше и примерокот што го дизајнираше миланскиот вајар Силвио Гацанига, уметнички директор на компанијата Бертони, кој и денес е многу ценет, шест години по неговата смрт.
„Идејата за овој пехар се роди од него и од мојот дедо Еугенио Лоса“, рече Валентина Лоса, извршната директорка на компанијата Бертони, четврта генерација на компанијата основана во почетокот на 1900-тите години.

„Во почетокот на дизајнот биле прикажани двајца голмани како подигаат раце и држат топка над главите. По разни дискусии, скицата на скулптурата е изменета, а двајцата голмани се заменети со два ангели на победата, а наместо топката нацртан е глобус“, рече Лоса.
На конкурсот е избран токму предлогот на Гацанига, односно на компанијата Бертони, а репрезентацијата на Западна Германија беше првата селекција која го освои овој трофеј на Светското првенство 1974 година.
Во работилницата, вработените се дел од производниот процес на трофејот. Тој прво се обработува со чекан, па се бруси и потоа се полира. По ова, трофејот преоѓајќи од рацете на еден работник во рацете на друг работник, се мие со сода бикарбона и се потопува во разни течни раствори.

На крајот трофејот се лакира. Пехарот е висок 38 сантиметри, а тежок 6,2 килограми.
„Постои само еден оригинален примерок на трофејот на Светските фудбалски првенства што останува во ФИФА. Тој трофеј оди од рака во рака на победничката репрезентација во текот на церемонијата за доделувањето на наградите по финалниот меч. Направен е од 18-каратно злато и се враќа во ФИФА, која потоа го праќа кај нас за веднаш по церемонијата на доделувањето на наградите да го изгравираме името на победничката селекција на плочката на постаментот на трофејот“, појасни Лоса и додаде:
„Победничката репрезентација добива реплика од пехарот, не од злато, туку од златен месинг, на кој е изгравирано името на победничката селекција.“
Светското првенство во фудбал 2022 во моментов се одржува во Катар, каде се наоѓа и репликата на трофејот, подготвен за репрезентацијата која ќе го освои турнирот по одигрувањето на финалниот меч закажан за 18 декември.

Но во Бертони, кој меѓу другото произведува и трофеи за УЕФА Лига Европа, УЕФА Суперкуп и трофејот на Лигата на шампионите, работниците веќе работат на трофеите за Светското фудбалско првенство 2026 што го организираат Канада, САД и Мексико.
На златниот прстен на дното од пехарот, меѓу зелените дискови од малахит во постулатот на трофејот вработените во Бертони веќе напишале „ФИФА Светско првенство 2026“.
„Ќе го претставиме наскоро, кога ќе заврши СП Катар 2022“, рече Лоса.

Оваа италијанска компанија секогаш го предава пехарот на победникот на Светското првенство во фудбал 4 години однапред.
Компанијата ГДЕ „Бертони“, која се наоѓа во близина на Милано, со години се занимава со производство на трофеи и медали за најдобрите фудбалски тимови, вклучувајќи го и трофејот за победникот на Мундијалот.
news_share_descriptionsubscription_contact
