Dejan Maksimovic
02 Февруари 2024•Ажурирај: 05 Февруари 2024
ПОДГОРИЦА (АА) - Извршниот одбор на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора денес го именуваше хрватскиот тренер Роберт Просинечки за селектор на „А“ репрезентацијата. Новиот селектор е избран со едногласна одлука на членовите на ИО. Просинечки ќе потпише едногодишен договор, соопшти ФС на Црна Гора, пренесува Анадолу.
„Просинечки на 4 февруари ќе потпише договор, по што ќе биде претставен на конференцијата за медиуми закажана за 13 часот во Куќата на фудбалот. Хрватскиот стручњак е седми селектор во историјата на нашиот национален тим и на тоа место го наследува Миодраг Радуловиќ. Претходно ‘соколите’ од клупата ги предводеа Зоран Филиповиќ, Златко Крањчар, Бранко Брновиќ, Љубиша Тумбаковиќ и Фарук Хаџибегиќ“, наведоа од ФС на Црна Гора.
По блескавата играчка кариера, хрватскиот експерт во 2006 година, како помошник на Славен Билиќ, во репрезентацијата на Хрватска ја започна тренерската кариера во текот на која ги водеше Црвена звезда, Кајсери, Денизли, Олимпија, Рудеш, а беше селектор и на репрезентациите на Азербејџан и на Босна и Херцеговина.
Просинечки на клупата на Црна Гора ќе дебитира во пријателскиот натпревар со селекцијата на Белорусија, што ќе се одигра на 21 март 2024 година во Анталија.
Следната недела Просинечки ќе присуствува на ждрепката на групите за УЕФА Лигата на нации на која ќе бидат одредени противниците на „соколите“ во лигата „Б“ за овогодинешното издание на најмладото натпреварување на националните селекции.